СЈ: Во Тирана нападната млада новинарка

    0
    303

    Новинарката на телевизијата ,,Факс Њуз”, Бесарта Демушај, во вторникот (14.12.2021) била спречена, клоцана и удирана од двајца мажи додека известувала во Тирана. Демушај објасни дека одговарала на дојава од страна на жена сопственичка на продавница на улицата Хоџа Тахсим. Кога Демушај пристигнала на лице место, дошле инвеститорот и неговиот девер и почнале со кавга. Привремено ја блокирале новинарката внатре во зградата, а потоа ја грабнале, ја удирале и физички ја нападнале. По пријавата за случајот до надлежните од страна на новинарката, државната полиција најави кривична постапка против двајцата осомничени.

    Блерјана Бино, истражувач на „SafeJournalists“ во Албанија, изјави дека „ова е особено чувствителен случај бидејќи Демушај е многу млада новинарка која известува од терен и како таква се соочува со се повеќе предизвици. Сите знаеме дека ситуацијата е особено кревка за новинарките во актуелниот албански медиумски пејзаж, така што овие случаи не можат да се толерираат. Полициските власти веднаш реагираа што е за пофалба, но мора да се обезбеди соодветно следење и транспарентна истрага“.

    Претходно во декември, тимот на ,,Факс Њуз” беше во Вора, општина блиску до главниот град Тирана, каде што жителите протестираа за дел од патот кој е во лоша состојба. Но, претставници на општината, кои беа присутни додека известуваа новинарите не им дозволија на жителите да одржат протест. На видео снимките се гледа дека се обиделе да ја спречат новинарката на ,,Факс Њуз”, Јонида Омери и нејзиниот тим да известуваат за протестот.

    Ова е уште еден обид на властите да ја спречат работата на новинарите и медиумското известување, попречувајќи ги да им дадат глас на граѓаните и нивната борба наспроти државата, додаде Бино.

    ,,SafeJournalists” мрежата, која претставува повеќе од 8.200 медиумски професионалци во Западен Балкан, се солидаризира со албанските колеги од  ,,Факс Њуз” и ги осудува овие актуелни напади. Бараме соодветна истрага за случајот Бесарта Демушај и транспарентност за резултатите од истрагата. Исто така, нашата мрежа сака јасна осуда на обидот на локалните власти да ја попречат работата на новинарите и да практикуваат нулта толеранција кон нападите врз новинарите.

    Мрежата ,,SafeJournalists” ќе ги информира сите релевантни национални и меѓународни чинители за овој случај.

    Секој напад врз новинари е напад на јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.

     

    Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб, 17 декември 2021 г.

     

    Здружение на новинари на Македонија

    Здружение на новинари на Косово

    Здружението на новинари на БиХ

    Здружението на новинари на Хрватска

    Независното здружение на новинари на Србија

    Синдикатот на медиуми на Црна Гора