СЈ: Новинарите во Босна и Херцеговина добиваат смртни закани веќе три месеци

    0
    214

    Редакцијата на бањалучкиот портал ,,еТрафика” од мај месец оваа година добива смртни закани преку социјалната мрежа Фејсбук од извесен Синиша Голуб, за кого порталот пишуваше пред околу четири години како оперирал куче во илегална домашна клиника. Заканите биле пријавени во полицијата, а случајот моментално се наоѓа во Окружното јавно обвинителство во Бања Лука.

    Во пораките со говор на омраза, Синиша Голуб најавува „крвопролевање“ на новинарите и уредниците на ,,еТрафика”, повикувајќи се на албанскиот обичаен закон, односно крвна одмазда. „Дали ќе има прошка или крв, тоа зависи од правниот систем на нашата земја и од вас“, напишал Голуб во пораката испратена на 4 мај. По ова, следеле други пораки (3 јули и 13 јули) во кои Голуб вели дека знае каде е седиштето на овој медиум и дека треба да го „пријават во полиција“ за „полицијата да биде побрза од него“, бидејќи тој не е одговорен за своите постапки“. Во последната порака тој повторно бара „да се отстрани лажниот текст“ или „во спротивно ќе има крв“.

    Вања Стокиќ, главен уредник на порталот ,,еТрафика”, за мрежата ,,SafeJournalists” изјави дека новинарите на ,,еТрафика” се многу загрижени бидејќи заканите не престануваат и по пријавувањето на случајот во полиција.

    „Многу сме загрижени бидејќи заканите никако да престанат, а тоа трае повеќе од два месеци. Не престана ниту откако го пријавивме во полиција. Посебно е вознемирувачки што во една порака ни напиша дека не одговара за своите постапки и дека нема да оди во затвор туку на лекување. Тоа значи дека мисли дека може се да ни направи, без никакви последици за него“, вели уредникот на порталот ,,еТрафика”.

    Таа додаде дека полицијата од самиот почеток постапувала коректно и професионално, но дека тука е суштинско времето и дека Обвинителството во Бања Лука мора да им даде приоритет на ваквите случаи.

    Маја Радевиќ од Здружението на новинари на БиХ, истражувач на мрежата ,,SafeJournalists” за БиХ, вели дека Здружението на новинарите на БиХ упатиле прашања до Министерството за внатрешни работи на Република Српска што се случува со случајот.

    „Добивме одговор дека извештајот е проследен до Окружното јавно обвинителство во Бања Лука и дека обвинителот изјавил дека во тие пораки нема елементи на кривично дело, бидејќи Голуб не упатувал закани до никого лично, туку до редакцијата на порталот?! Ваквото објаснување е, во најмала рака, зачудувачки и само уште една потврда за тоа како постапуваат обвинителите кога се во прашање заканите и нападите врз новинарите. Ако случајно вакви брутални закани беа упатени до политичар, тој што ги испратил одамна ќе бил во притвор“, вели Радевиќ.

    Мрежата ,,SafeJournalists”, која застапува повеќе од 8.200 медиумски професионалци во Западен Балкан, ги осудува заканите упатени до новинарите на порталот еТрафика и смета дека е загрижувачки што Обвинителството на БиХ ги релативизира овие закани.

    Мрежата ,,SafeJournalists” се приклучува на партнерската организација Здружение на новинари на БиХ во барањето надлежните институции во Босна и Херцеговина итно да ги преземат сите неопходни мерки за заштита на новинарите и да се испитаат сите околности на случајот и да се утврди дали навистина постои опасност од закана за новинарите на оваа редакција.

    Секој напад врз новинари е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.

     

    Скопје – Приштина –  Сараево – Загреб – Белград – Подгорица – Тирана, 21 јули 2022 г.

     

    Здружение на новинари на Македонија

    Здружение на новинари на Косово

    Здружение на новинари на БиХ

    Здружение на новинари на Хрватска

    Независното здружение на новинари на Србија

    Синдикатот на медиуми на Црна Гора