SafeJouralists: Независната комисија за медиуми во Косово не треба да ја одземе лиценцата на КЛАН КОСОВА

    0
    243
    photo: canva

    Министерството за индустрија, претприемништво и трговија во средата со чудна одлука, без да наведе правна основа и без претходно известување, ја суспендираше дозволата за работа на приватната национална телевизија Клан Косова.

    Министерството, односно косовската агенција за економски регистри, донесе одлука за „успендирање на деловниот сертификат на фирмата „КЛАН КОСОВА“ ДОО“ сопственик на ТВ каналот КЛАН КОСОВА. Правната основа по која е донесена одлуката не е јасна и може да го загрози работењето на споменатиот медиум. Тоа може да доведе и до одземање на медиумската лиценца на ТВ каналот КЛАН КОСОВА.

    Здружението на новинари на Косово (ЗНК) ја смета акцијата на владата, премиерот Албин Курти и “Движењето Самоопределување” без преседан во новата историја на Косово и директен обид да се диктира и контролира медиумската содржина на Клан Косова. ЗНК смета дека ваквата одлука е донесена со цел да се пренесе порака и до другите медиуми и дека слободата на медиумите и изразувањето никогаш не била толку загрозена како што е сега.

    „Згрозени сме од одлуката, прва од ваков вид во земјата од крајот на војната. Ова е јасен обид на оваа Влада да го изврши своето влијание врз приватните медиуми. Тоа е политички, добро испланиран чин во сè потешката средина на медиумите во Косово. Загрижени сме за работата на нашиот новинар, снимателите и другите работници на каналот, во ова неизвесно време“, изјави Џемајл Реџа, претседател на ЗНК.

    Мрежата SafeJournalists, која застапува повеќе од 8.200 медиумски професионалци во Западен Балкан, им се придружува на своите членови ЗНК за да ја повика Независната комисија за медиуми да не постапува за одземање на лиценцата за медиуми и да дозволи административни процедури да се одвиваат без притисок.

    Мрежата SafeJournalists ќе ги информира релевантните национални и меѓународни засегнати страни за овој случај.

    Секој напад врз новинари е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.

    Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица, 16.06.2023

     

    Здружение на новинари на Македонија

    Здружение на новинари на Косово

    Здружение на новинари на БиХ

    Здружение на новинари на Хрватска

    Независното здружение на новинари на Србија

    Синдикатот на медиуми на Црна Гора