SafeJournalists: Закани за босанскиот колумнист и новинар Драган Бурсаќ на Инстаграм

    0
    175
    photo: canva

    Драган Бурсаќ, новинар и колумнист од Босна и Херцеговина, добил закани на својот Инстаграм профил.

    Лице регистрирано со полно име и презиме на социјалната мрежа Инстаграм испратило закани до Бурсаќ, некои од заканите упатени кон него гласат: „Ви го потврдувам моето ветување. Ќе трпиш многу с***а во уста, да знаеш колку буквално ќе отидеш во таа „српска“ црква да му се молиш на Бога“. „Ова е отворена закана, смрдливо ѓубре, па можеш да ја пријавиш каде сакаш, ние сепак те чекаме.“, „Ќе го истрпиш ова некое време во твојата уста. Многу непријатно. Ќе сфатите кога ќе се сретнеме“.

    Случајот бил пријавен во полиција во Босна и Херцеговина и Србија со оглед на тоа дека заканите биле упатени од Србија. Ова не е првпат Бурсаќ да добива закани. Тој постојано е предмет на закани и навреди поради неговата новинарска работа и написи за соочување со военото минато во регионот на поранешна Југославија и критички ориентирани написи кон националистичките власти во регионот.

    Директорот на мрежата ,,SafeJournalists”, Драган Секуловски, изјави дека онлајн заканите кон медиумските работници се подеднакво опасни како и традиционалните закани, па затоа не смеат да се игнорираат. Секуловски додаде: „Министерството за внатрешни работи и Јавното обвинителство не смеат да ги игнорираат заканите кон новинарите бидејќи во на тој начин тие ќе бидат одговорни за злосторствата од омраза со кои подоцна може да се соочат новинарите. Тоа што сторителот во случајот Бурсаќ е заведен со име и презиме ја олеснува истрагата и затоа се очекува соодветна санкција согласно законите“, рече Секуловски.

    Мрежата SafeJournalists, која застапува повеќе од 8.200 медиумски професионалци во Западен Балкан, ги осудува заканите кон Бурсаќ и ги повикува надлежните органи да спроведат истрага и соодветно да го казнат лицето кое ги испратило заканите.

    SafeJournalists мрежата ќе ги информира релевантните национални и меѓународни засегнати страни за овој случај.

    Секој напад врз новинари е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.

    Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб – Тирана, 05.11.2022

     

    Здружение на новинари на Македонија

    Здружение на новинари на Косово

    Здружение на новинари на БиХ

    Здружение на новинари на Хрватска

    Независното здружение на новинари на Србија

    Синдикатот на медиуми на Црна Гора