SafeJournalists: ТВ снимател вербално и физички нападнат во Северна Македонија

    0
    204
    photo: canva

    Снимателот на телевизиската екипа на ТВ24, вчера вербално и физички бил нападнат додека снимале видео материјал за ТВ прилог.

    Имено, додека снимателот Љубиша Игнатов ја снимал куќата во која според избирачкиот список живее Олександар Онишченко, сопственикот на куќата, откако претходно упатил пцовки и навреди кон него, физички го нападнал. Олександр Онишченко е украински државјанин кој добил македонски пасош и е на црната листа во Америка. Ова претставува тема од јавен интерес во Северна Македонија.

    Нападот е пријавен во МВР и полицијата го привела напаѓачот, а за овој случај веќе е поведена тековна постапка.

    Претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) Младен Чадиковски за мрежата SafeJournalists изјави: „ Директните физички напади врз медиумските работници не се само напад на нивниот физички интегритет, туку напад на демократијата и слободата на говорот. Македонското Собрание имаше рок од 14 месеци да ги усвои измените на Кривичниот законик за систематско подобрување на безбедноста на новинарите во земјава но тоа до денеска не го направија. Чадиковски додаде дека овој инцидент е уште едно потсетување до сите пратеници дека секој напад на новинар/снимател/фоторепортер треба да биде на нивната совест ”.

    Мрежата SafeJournalists, која застапува повеќе од 8.200 медиумски професионалци од Западен Балкан, се придружува на својата членка ЗНМ и бара соодветна казна за напаѓачот, како и веднаш да се донесат измените и дополнувањата на Кривичниот законик за да се спречат вакви случаи во иднина. Амандманите се долгоочекувани во Северна Македонија бидејќи треба да ги зајакнат санкциите за нападите врз новинари и сите видови напади врз новинари да ги третираат по службена должност.

    SafeJournalists мрежата ќе ги информира сите релевантни национални и меѓународни чинители за овој случај.

    Секој напад врз новинари е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.

    Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб – Тирана, 15.11.2022

     

    Здружение на новинари на Македонија

    Здружение на новинари на Косово

    Здружение на новинари на БиХ

    Здружение на новинари на Хрватска

    Независното здружение на новинари на Србија

    Синдикатот на медиуми на Црна Гора