SafeJournalists: Физички нападнат новинар во Тирана

    0
    213
    photo: canva

    Новинарот на Report TV и Shqiptarja.com, Адриатик Дочи, на 13 ноември беше физички нападнат од страна на неидентификувани лица во Тирана.

    Дочи бил следен од неколку лица и удрен одзади со тврди предмети, многу блиску до неговиот стан, на улицата Пашко Васа. Новинарот го пријавил нападот во полиција.

    Дочи изјави дека ненадејно бил нападнат одзади и дека не можел да идентификува кои се сторителите на нападот, но смета дека нападот е директно поврзан со неговата работа бидејќи има пријавено за случаи поврзани со корупција во кои се вклучени поранешни јавни функционери. „Благодарност до стотиците пријатели и колеги кои се солидаризираа и го осудија физичкиот напад врз мене. Не го гледам само како личен инцидент или драма, туку и како обид да се замолчи моето известување, но и како напад кон медиумите. Јас лично не размислувам дека ваквата порака за насилство, сила и уцена ќе ме натераат да замолчам. Времето ќе покаже“, изјави Дочи.

    Претставничката на мрежата SafeJournalists во Албанија, Блерјана Бино, истакна дека од клучно значење властите да го истражат овој случај брзо и да ги изведат сторителите пред лицето на правдата. „Во Албанија ни се потребни подобри мерки за заштита на нападнатите новинари“, посочи Бино.

    Мрежата SafeJournalists, која претставува повеќе од 8.200 медиумски професионалци во Западен Балкан, го осудува физичкото насилство и нагласува дека новинарската работа никогаш не смее да биде причина за напад врз новинар. Ги повикуваме и надлежните органи навремено да ги идентификуваат и соодветно да ги санкционираат сторителите.

    SafeJournalists мрежата ќе ги информира релевантните национални и меѓународни засегнати страни за овој случај.

    Секој напад врз новинари е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.

    Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб – Тирана, 14.11.2022

     

    Здружение на новинари на Македонија

    Здружение на новинари на Косово

    Здружение на новинари на БиХ

    Здружение на новинари на Хрватска

    Независното здружение на новинари на Србија

    Синдикатот на медиуми на Црна Гора