SafeJournalists: Веднаш да се пронајде и казни лицето кое испратило смртни закани до новинарите N1 во Србија

    0
    53
    photo: canva

    Редакцијата N1 доби смртни закани синоќа во коментари на веб-страницата.

    Покрај многуте навреди, таргетирање како предавници и закани дека „знаат каде живеат (новинарите) и каков автомобил возат“, во коментарот се вели дека „наскоро ќе ги убијат сите“.

    Заканата е пријавена во Специјалното обвинителство за високотехнолошки криминал.

    Игор Божиќ, програмски директор на телевизијата N1, вели дека за 10 години од безброј закани се разрешени само неколку случаи. „Поминаа неколку години откако беше пронајден последниот сторител. Институциите чија должност е да ги заштитат сите граѓани мора да имаат посебна чувствителност кон новинарите кои го претставуваат гласот на граѓаните. Тоа е мал чекор од закани до физички напад. Што треба да очекуваат новинарите кога ќе добијат порака дека некој ќе ги убие, а истиот сторител тврди дека знае каде живеат новинарите и какви автомобили возат? Во оваа земја никој не одговараше за три убиства на новинари и едно за поставување бомба во стан. Никогаш не дознавме кој и се заканувал на редакцијата на Данас дека ќе завршат како новинарите на Шарли Ебдо и ред други драстични примери. Моето прашање е дали на некои луѓе им е дозволено да прават било што, дури и да ги заплашуваат новинарите кои не се за режимот?“ – изјави Божиќ.

    Независното здружение на новинари на Србија (НУНС) остро ги осудува ваквите опасни закани. Државата мора итно да испрати силна порака дека ваквото однесување е неприфатливо и да ги осуди заканите. Само континуираните осуди и пораката до граѓаните дека ваквите закани се неприфатливи, заедно со репресивните мерки кон оние што ги вршат и разрешувањето на случаите, можат да направат таквите активности да имаат застрашувачки ефект врз оние кои упатуваат закани, а новинарите да се чувствуваат побезбедни.

    Мрежата SafeJournalists, која ги застапува медиумските професионалци во Западен Балкан, се придружува на својата членка НУНС и ги повикува надлежните институции што поскоро да го пронајдат лицето кое оставило ваков коментар и да го процесуираат овој случај дополнително. Мрежата, исто така, апелира до јавните службеници и политичарите да се воздржат од таргетирање на одредени медиуми во Србија, бидејќи нивната реторика ги охрабрува поединците подоцна да им се закануваат на медиумите на овој начин.

    Мрежата SafeJournalists ќе ги информира релевантните национални и меѓународни засегнати страни за овој случај.

    Секој напад врз новинари е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.

    Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица, 27.02.2024

     

    Здружение на новинари на Македонија

    Здружение на новинари на Косово

    Здружението на новинари на БиХ

    Здружение на новинари на Хрватска

    Независното здружение на новинари на Србија

    Синдикатот на медиуми на Црна Гора