SafeJournalists: #ДаСеРасветлат сите случаи на напади и закани против новинари

    0
    89

    Членовите на мрежата Safejournalist ја започнаа кампањата #ДаСеРасветли по повод Меѓународниот ден за прекинување на неказнивоста на злосторствата против новинарите, кој се одбележува денеска, 02-ри ноември.

    Целта на кампањата е да се подигне свеста за проблемот со неказнивоста на нападите врз новинарите, кој е присутен во сите земји од Западен Балкан. Има многу малку случаи со судски епилог и казни за сторителите.

     

    Кликнете за да можете да го видите видеото

     

    Меѓународниот ден за прекинување на неказнивоста на злосторствата против новинарите се одбележува денеска, 02-ри ноември. Мрежата SafeJournalists секојдневно се бори за подобрување на условите за работа во новинарството, заштита на новинарите и нивните права.

    Сите партнери во нашата мрежа SafeJournalists се приклучија на кампањата на Меѓународната федерација на новинари (IFJ) за усвојување на Меѓународната конвенција посветена на заштита на новинарите и медиумските професионалци. По повод одбележувањето на 02-ри ноември, IFJ ги повикува владите ширум светот, новинарите и медиумските групи да го поддржат усвојувањето на Конвенцијата за безбедност и независност на новинарите и другите медиумски професионалци. Според IFJ, и покрај многуте протоколи, упатства и предлози, новинарите сè уште се соочуваат со закани секој ден – а неказнивоста продолжува да ја влошува ситуацијата. Девет од секои десет убиства на новинари остануваат неказнети.

    Секој ден новинарите се напаѓаат, тепаат, приведуваат, малтретираат и им се закануваат затоа што ја вршат својата работа, а сепак, не постои обврзувачки меѓународен инструмент што би ги принудил земјите-членки да истражуваат и да одговорат на нападите врз медиумите. Тековните закани за дигиталната безбедност на новинарите, вклучувајќи сајбер-напади, крадење податоци, хакирање и онлајн малтретирање ја загрозуваат безбедноста на професионалците во вестите, што го прави уште поитно да се усвои инструмент кој ќе ги принуди владите да се справат со неказнивоста. Сето горенаведено, како и зголемената фрустрација поради недостатокот на акција и, во премногу случаи, недостатокот на волја за справување со кризата на неказнивост – ја натера IFJ да започне кампања за усвојување на меѓународна конвенција посветена на заштита на новинарите и медиумските професионалци.

    Со цел да се подигне свеста за важноста на новинарската работа и заштитата на новинарите кои се очи и уши на демократијата, нејзини чувари и подадена рака на граѓаните, SafeJournalists мрежата ја започнува кампањата #SHEDLIGHT односно #ДаСеРасветли.

    А што сакаме да се расветли? Сакаме 160-те случаи на напади и закани врз новинари што се случија во 2021 година на Западен Балкан да добијат судски епилог. Во регионот на Западен Балкан (Србија, Босна и Херцеговина, Северна Македонија, Косово, Црна Гора, Хрватска и Албанија) во 2021 година биле пријавени 179 напади и закани врз новинари до надлежните институции. Од тој број, само 19 предмети се решени пред судот како првостепени и правосилни пресуди, од кои 12 се осудителни.

     

     

    Загрижени сме поради големиот број нерешени случаи и малиот број казни. Мрежата на Safejournalists бара од надлежните органи да ги преземат сите мерки за побрзо и поефикасно процесуирање на случаите и на тој начин да се покаже подготвеноста на државата во борбата против неказнивоста. Само на овој начин можеме да испратиме јасна порака до потенцијалните сторители дека ваквото однесување е неприфатливо.

    Како тоа изгледа компаративно по држави?

    grafika: flourish

     

    Видео кампањата на секоја од државите ќе пронајдете на следните линкови:

    Србија

    Босна и Херцеговина

    Косово

    Црна Гора

    Албанија

    Северна Македонија

    Хрватска