SafeJournalists: Закани за ТВ водителот Иван Ивановиќ во Србија

    0
    216
    photo: canva

    Телевизискиот водител Иван Ивановиќ синоќа на својот Твитер профил објави дека тој и неговото семејство добивале закани од Симо Спасиќ, претседател на Здружението на семејства на киднапирани, убиени и исчезнати лица од Косово и Метохија.

    Ивановиќ, кој е автор и водител на емисијата „Вечер со Иван Ивановиќ“ на ТВ Нова С, на својот Твитер профил објави скриншот од СМС порака што му ја испратил Симо Спасиќ. Во пораката Спасиќ му се заканува на водителот дека ќе му ја скрши кичмата, употребува вулгарен речник, ги обвинува него, Зоран Кесиќ и Оља Бечковиќ (исто така ТВ водители) дека му го уништиле животот, а исто така им се заканува и на женските членови на семејството на Ивановиќ.

    Во февруари 2023 година, Симо Спасиќ беше осуден на шест месеци затвор за кривично дело прогон, чија жртва беше новинарот Александар Станков од Јужне Вести. „Треба да те обесат, жалам што не беше убиен некој од твоето семејство“, гласи една од најсериозните закани упатени до новинарот, оквалификувана од обвинителството како кривично дело прогон.

    Жељко Бодрожиќ, претседателот на Независното здружение на новинари на Србија, предупредува дека неодамнешните изјави на високи владини функционери повторно создаваат непријателска средина за новинарите и другите граѓани кои критички зборуваат и пишуваат за владините политики. „Нападите и заканите како оние што ги доби нашиот колега Иван Ивановиќ се сосема очекувани. Во последните денови претседателот и премиерот создадоа атмосфера за брутални напади врз професионални новинари и репрезентативни здруженија. Истото го правеа и порано повремено. што се одразува на граѓаните на начин дека сфаќањето на поединци, како што е Симо Спасиќ, е дека имаат право и дека се повикани од државата да се справуваат со сите што се цел на Вучиќ и Ана Брнабиќ“, заклучува Бодрожиќ.

    Мрежата SafeJournalists, која претставува повеќе од 8.200 медиумски професионалци во Западен Балкан, остро ги осудува заканите кон ТВ водителот Ивановиќ и ги повикува државните институции веднаш да го гонат и казнат Спасиќ за заканите. Исто така, ги повикуваме властите да го осудат ваквото однесување кон медиумските професионалци и со тоа да покажат дека ги штитат правата на сите нив, наместо да покажуваат селективна заштита – само на оние кои не се критички настроени кон властите.

    SafeJournalists мрежата ќе ги информира релевантните национални и меѓународни засегнати страни за овој случај.

    Секој напад врз новинари е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.

    Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб – Тирана, 10.04.2023

     

    Здружение на новинари на Косово

    Здружение на новинари на Македонија

    Здружение на новинари на БиХ

    Здружение на новинари на Хрватска

    Независното здружение на новинари на Србија

    Синдикатот на медиуми на Црна Гора