SafeJournalists: Итно да се испитаат и да се санкционираат заканите кон уредникот на порталот Прометеј во Босна и Херцеговина

    0
    42
    photo: canva

    Фрањо Сарчевиќ, уредникот на порталот Прометеј, доби низа закани, навреди и стана цел на говор на омраза на социјалните мрежи, но и медиумско малтретирање, откако објави колумна во која ги коментира изјавите и иконографијата на свечена прослава на 1 Март – Денот на независноста на Босна и Херцеговина.

    По објавувањето на текстот на авторот со наслов „Уште еден бесмислен ден на независноста“ и критиките на градоначалничката на Сараево, Бенјамина Кариќ, која објави фотографија со момче во маскирна униформа, на социјалните мрежи почна канонада од навреди, закани и говор на омраза како и во медиумите.

    Управниот одбор на Здружението на новинари на БиХ најостро ги осуди заканувачките пораки и говорот на омраза упатени до Фрањо Сарчевиќ. Од Здружението очекуваат полицијата што поскоро да реагира, веднаш да ги донесе во полициска станица и да ги сослуша лицата кои стојат зад профилите на социјалните мрежи од кои се упатени заканите. Здружението, исто така, забележува дека ова не е прв пат уредникот на порталот Прометеј да се соочува со брутални закани за насилство, најмногу кога пишувал и зборувал спротивно на ставовите на политичкото мнозинство во Сараево, Мостар или други делови на БиХ.

    „Фактот што голем број медиуми со седиште во Сараево, исто така, придонесоа за ширење на омраза и нетрпеливост кон Фрањо Сарчевиќ, кршејќи го кодексот на новинарската етика и давајќи предност на „патриотското новинарство“ наместо објективно и вистинито известување, со разумно прифаќање на различни ставовите како неотуѓив дел од слободата на изразување и плурализмот на мислење е особено загрижувачки за Управниот одбор на Здружението на новинари на БиХ. Ниту еден медиум или новинар не треба да шири омраза кон никого, а особено не кон другите новинари, дури и кога тие не се согласуваат со нивното мислење или имаат сосема различни убедувања“, заклучува здружението на новинари на БиХ.

    Мрежата SafeJournalists, која ги застапува медиумските професионалци во Западен Балкан, се придружува на својата членка здружението на новинари на БиХ и ги повикува надлежните институции итно да спроведат истрага и да преземат законски мерки за санкционирање на лицата кои стојат зад загрозениот новинар. Мрежата му дава целосна поддршка на Фрањо Сарчевиќ и се солидаризира со него во борбата против онлајн насилството и заканите на кои е изложен.

    Мрежата SafeJournalists ќе ги информира релевантните национални и меѓународни засегнати страни за овој случај.

    Секој напад врз новинари е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.

     

    Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица, 06.03.2024

     

    Здружение на новинари на Македонија

    Здружение на новинари на Косово

    Здружение на новинари на БиХ

    Здружение на новинари на Хрватска

    Независното здружение на новинари на Србија

    Синдикатот на медиуми на Црна Гора