SafeJournalists: Нападнати бугарски новинари и активисти во Србија, запален автомобил на новинар во Босна и Херцеговина

    0
    197
    slika: canva

    Екипа на истражувачки новинари на Бугарската национална телевизија (БНТ) „Трагите остануваат“ и еко-активисти од Бугарија и Србија биле физички нападнати во Србија. Нападот се случи вчера попладне, на 14 јуни, на државниот пат пред рудникот Подвирови во селото Караманица во општина Босилеград.

    Во телевизиската екипа беа новинарката Богдана Лазарова, снимателите Димитар Славов и Николај Андреев и техничарот Роберт Вецов. Присутни беа и еко-активистите од Софија, Димитар Куманов од Риболовниот клуб „Балканка“ како и д-р Валентин Јанев, Бранко Митов и Димитар Димитров од Босилеград.

    Новинарски тим од Република Бугарија дојде во Република Србија да сними сторија за загадувањето на животната средина во пограничната област во општина Босилеград. Ги имаа сите потребни дозволи за снимање во Србија.

    Кога новинарите и активистите се приближуваа до рудникот, на околу 50 метри од влезот во рудникот, минибус им го попречи патот, па мораа да пешачат понатаму. Во тој момент шест-седум лица, меѓу кои и директорот на рудникот, ја нападнале екипата, прво фрлајќи ги со камења, а потоа физички со тупаници.

    Како што јавува Бугарската национална телевизија, на местото во Босилеград дошол генералниот конзул на Бугарија во Ниш Димитар Цанев. Со негова помош била поднесена пријава во полицијата во Босилеград. Известени се Амбасадата на Бугарија во Белград и генералниот конзул.

    Запален автомобил во Босна и Херцеговина

    Автомобил сопственост на новинарката на РТРС Наташа Миљановиќ-Жубац синоќа бил запален во Требиње, Босна и Херцеговина.

    Како што информираат од Полициската управа во Требиње, полициската станица Требиње на 15.06.2022 година околу 03:45 часот пријавила дека настанал пожар на паркирано патничко возило „Форд“ сопственост на Н.М.З. од Требиње. Пожарот бил изгаснат од припадници на Територијалната противпожарна единица. За случајот бил информиран дежурниот обвинител на Окружното обвинителство во Требиње.

    Во тек е увид и утврдување на околностите на пожарот.

    Новинарите на БиХ потсетуваат дека во февруари минатата година Наташа Миљановиќ-Жубац беше жртва на вербални напади и навреди кои јавно и беа упатени од Воислав Шешељ, лидер на Српската радикална партија. За овој случај во моментов се води постапка во судот во Белград.

    Мрежата SafeJournalists, која застапува повеќе од 8.200 медиумски професионалци во Западен Балкан остро ги осудува овие напади врз новинарите и нивните средства.

    Мрежата SafeJournalists ги повикува институциите во Србија да ги санкционираат познатите напаѓачи на бугарските новинари. Бараме и од надлежните органи во Босна и Херцеговина да реагираат во најкус можен рок и да се откријат сторителите кои запалија автомобил во сопственост на новинарката Наташа Миљановиќ-Жубац.

    Итна реакција од надлежните органи бара и Драган Секуловски, директорот на мрежата SafeJournalists.

    „Наместо да се намалува бројот на закани и напади врз новинари, секоја година има се повеќе. Тоа значи дека институциите не вложиле напор да ги заштитат новинарите и нивните права да ја вршат својата работа. Вакви напади врз новинари е неприфатливо да се случуваат во земји кои претендираат да бидат членки на Европската унија и тоа треба да им го објасниме на властите. Мора да бидат проактивни и адекватно да го обработуваат секој напад што ќе се случи“, истакна Секуловски.

    Мрежата SafeJournalists ќе ги информира релевантните национални и меѓународни чинители за овие случаи.

    Секој напад врз новинари е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.

    Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица, 15.06.2022 година

     

    Здружение на новинари на Македонија

    Здружение на новиари на Косово

    Здружение на новинари на БиХ

    Здружение на новинари на Хрватска

    Независно здружение на новинари на Србија

    Синдикатот на медиуми на Црна Гора