SafeJournalists: Осуда на заканите кон новинарите во Црна Гора и Косово

    0
    114
    photo: canva

    Мрежата SafeJournalists остро ги осудува заканите кон новинарот на телевизијата „Вијести“, Никола Милосавиќ Алексиќ во Црна Гора, како и кон новинарите Ардијана Тачи Мехмети и Ерјона Ѓиколи во Косово.

    Заканите до новинарот Никола Милосавиќ Алексиќ дошле откако тој му се јавил на сопственикот на фирмата „Трудбеник“ Вуксан Радоњиќ и од него побарал коментар на тема која се однесува на фирмата што ја поседува. Радоњиќ упати низа навреди и закани кон новинарот. Радоњиќ, меѓу другото, се заканил дека ќе му ја „отсече главата“ на новинарот и „нема да објавува ништо поврзано со него и неговиот ресторан“.

    Полицијата во Подгорица брзо реагирала и го привела, а потоа и го уапсила Вуксан Радоњиќ, кој е осомничен за закани. Радоњиќ е уапсен по наредба на државниот обвинител во Основното државно обвинителство во Подгорица.

    Уште еден случај на смртни закани се случи на Косово, на новинарите Ардијана Тачи Мехмети и Ерјона Ѓиколи, автори на истражувачката емисија КИКС Косово.

    Тачи Мехмети и Ѓиколи добиле смртни закани кон нив и кон членовите на нивните семејства, по истрагата на пејачот Ерол Мурати, кој, како што покажа истрагата, бил вмешан во измами со словенечки пасоши, како и препродажба на автомобили. Во мејлот испратен до Здружението на новинари на Косово (АЈК), новинарите наведуваат дека ним и на нивните семејства им се заканувале со смрт од новоотворениот профил на Фејсбук. Како што велат новинарите, пораките гласеле „Имате деца; сите сте опкружени со деца, ќе ги запалам…“. Случајот бил пријавен во косовската полиција.

    „Ние сме длабоко вознемирени и не ги одобруваме заканите упатени кон нашите колеги Никола Милосавиќ Алексиќ во Црна Гора и Ардијана Тачи Мехмети и Ерјона Ѓиколи во Косово. Овие закани се директни напади не само врз овие новинари туку и врз самата суштина на слободата на печатот и демократијата во двете земји. Ги повикуваме властите да дејствуваат брзо и одлучно во казнувањето на сторителите според националните закони. Нашата посветеност е цврста: ние секогаш ќе се залагаме за безбедноста на новинарите и основното право на слобода на говор. Нападот врз кој било новинар е напад на правото на секој да биде информиран. Се солидаризираме со нашите колеги и се спротивставуваме на секој облик на закана или насилство врз новинари“, изјави Драган Секуловски, директор нa SafeJournalists мрежата.

    Мрежата SafeJournalists, која претставува повеќе од 8.200 медиумски професионалци во Западен Балкан, им се придружува на своите членови ТУММ и АЈК во остро осудување на заканите упатени кон новинарите. Мрежата ја поддржува брзата реакција на полицијата и обвинителството во Црна Гора и апелира до властите да ја спроведат постапката до крај и да ги казнат сторителите што е можно поскоро. Мрежата исто така бара надлежните институции во Косово да дадат приоритет на случајот со закани кон новинарки и да ги преземат неопходните чекори за да се најде и соодветно казнет лицето кое се крие зад лажниот профил и заканите.

    Мрежата SafeJournalists нагласува дека институциите мора да покажат дека нема да молчат пред какви било напади и закани кон вработените во медиумите.

    Мрежата SafeJournalists ќе ги информира релевантните национални и меѓународни чинители за овие случаи.

    Секој напад врз новинари е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.

    Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица, 01.12.2023

     

    Здружение на новинари на Македонија

    Здружение на новинари на Косово

    Здружение на новинари на БиХ

    Здружение на новинари на Хрватска

    Независното здружение на новинари на Србија

    Синдикатот на медиуми на Црна Гора