SafeJournalists: Смртни закани за редакцијата N1 во Србија

    0
    153

    На 18-ти април, редакцијата N1 во Белград доби електронска пошта со заканувачка порака: „ Вие лајна американски платеници треба да ве заколеме како стаорци колку лажете“.

    Ова е само една во низата закани и вербални напади кои ги трпат вработените во овој независен медиум.

    Директорот на Телевизијата N1 Србија, Игор Божиќ, потврди дека ова е уште една во низата закани што ги добива оваа телевизија и рече: „Можеме да кажеме дека ова е само продолжение на заканите што ги добиваме и дека членовите на редакцијата се чувствуваат во опасност кога добиваат такви брутални закани“.

    Претседателот на Здружението на независни новинари на Србија, Жељко Бодрожиќ ги осуди новите закани кон новинарите ТВ N1. „Оваа закана е и резултат на долгата непромислена кампања на режимот против телевизијата N1 и новинарите на тој медиум, а слични коментари и пораки го преплавија најголемиот дел од нашиот јавен простор – од Собранието, преку прорежимските медиуми до социјалните мрежи.  Со години се води хајка против нашите колеги од N1 и други независни и професионални медиуми, со што се претвораат во легитимни мети на многу насилници. Се надевам дека властите ќе го пронајдат сторителот кој ја упати оваа опасна закана“, изјави во оваа прилика Бодрожиќ.

    Мрежата ,,SafeJournalists”, која претставува повеќе од 8.200 медиумски професионалци во Западен Балкан, се придружува на својата членка НУНС во осудата на заканите кон новинарите N1. Ги повикуваме надлежните институции во Србија да дејствуваат и да ја обезбедат безбедноста на новинарите и се надеваме дека ќе ја спроведат целата постапка брзо и ќе го казнат сторителот.

    Мрежата ,,SafeJournalists” ќе ги информира релевантните национални и меѓународни засегнати страни за овој случај.

    Секој напад врз новинари е напад на јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.

     

    Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица, 20 април 2022 г.

     

    Здружение на новинари на Македонија

    Здружение на новинари на Косово

    Здружението на новинари на БиХ

    Здружение на новинари на Хрватска

    Независното здружение на новинари на Србија

    Синдикатот на медиуми на Црна Гора