Home Blog Page 3

ЗНМ и МВР со протокол за безбедност на новинарите на интернет

0

Претседателот на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), Младен Чадиковски со претставници од извршната канцеларија на ЗНМ и работната група кои беа вклучени во изработка на новиот Протокол за безбедност на новинарките на интернет, денеска остварија работна средба со министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски. Како резултат на изработката на овој протокол, меѓу другото, во МВР е назначено лице-контакт точка за интернет заканите кон новинарите и воопшто, медиумските работници. Протоколот нуди практични чекори како новинарите да постапат кога ќе бидат предмет на закана преку социјалните мрежи и, воопшто на интернет, преку проактивна вклученост на МВР во заштита на медиумските работници. Ова е една од низата активности кои заеднички ги спроведуваат МВР и ЗНМ за подобрување на безбедноста на новинарите, од 2017 година, кога беше потпишан Меморандум за соработка.

На средбата се дискутираше и за други аспекти за безбедност на новинарите, новинарките и медиумските работници при вршење на дејноста, заканите кои се присутни во интернет просторот, потребата од слободно и непречено известување од настани на терен, ефикасноста при заштитата на новинарите со целосна имплементација на правните инструменти кои ги имаат институциите и беше потенцирана одличната соработка меѓу ЗНМ и МВР.

Претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски рече дека овој Протокол е чекор плус во градењето безбедна атмосфера за работа на новинарите.

Сметаме дека ова е позитивен исчекор во рамките на зголемување на безбедноста на колегите новинари и новинарки. Денес, не само што се соочуваме со намалување на нашата безбедност, туку се соочуваме и со опасноста од онлајн закани, каде што, за жал, поголеми жртви се новинарките. На овој начин, очекуваме нападите и опасноста од нив да се намали, а неказнивоста на сторителот да исчезне. Се надеваме дека препораките кои се наоѓаат во овој протокол ќе го најдат своето место во градењето на безбедна атмосфера за работа на новинарките и новинарите “, кажа претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски.

Јасна е нашата посветеност како министерство на новинарите да им се обезбедат сите услови за тие непречено да си ја вршат работата и тоа го покажавме од 2017 до сега. За тоа не смее да има дилема, затоа што слободата на медиумите е еден од базичните столбови на кој се потпира демократијата. И овој протокол, во чие што изработување учествуваа претставници од МВР, ЗНМ и експерти од академската заедница, нуди решенија коишто ќе придонесат секој новинар, особено новинарките, да се чувствуваат безбедно, но и да знаат како да постапат во случаи на закани преку интернет. За нас слободата на новинарите е приоритет и во таа насока продолжуваме и со наредни активности во соработка со ЗНМ. Во претходниот период реализиравме бројни обуки, заеднички со ЗНМ и Мисијата на ОБСЕ во Скопје, го изработивме  Прирачникот за безбедност на новинарите за време на настани со висок ризик, а денеска можеме да констатираме и дека е изработен и Протоколот за безбедност на новинарите на интернет“, потенцираше министерот Спасовски.

Во процесот на подготовка на овој Протокол беа направени широки анализи, искористена актуелната правна литература на темата, како и бројни институционални практики, со цел да се најде најдобриот пристап за поголема заштита и безбедност на новинарките и новинарите на интернет. На овој начин ќе се намали можноста за самоцензура поради постоечки страв од напад, а ќе се зголеми слободата на изразување и професионалните новинарски стандарди.

Членови на работната група составена за подготовка на овој протокол од ЗНМ беа Младен Чадиковски и Драган Секуловски, Никола Дујовски, професор на Факултетот за безбедност Скопје при УКЛО Битола, Јасна Бачовска Недиќ, професор на Правниот факултет „Јустинијан први“ Скопје, Тони Ангеловски, помошник на министерот за односи со јавност и стратешко планирање при МВР, а од новинарките, членови на работната група беа Сашка Цветковска, Еви Шкопи и Кристина Атовска.

Протоколот е достапен на македонскиалбански и англиски јазик.

Протоколот е изработен во рамките на регионалниот проект Синдикатите за фер закрепнување” (Trade Unions for a Fair Recovery, 01.01.2022-30.04.2023), финансиран од страна на Европската унија преку Европската конфедерација на синдикати и Европската федерација на новинари, со Договор за грант број VS/2021/0214

ЗНМ во Брисел ги пренесе барањата од новинарскиот протест

0

Безбедни новинари и сниматели, крај на неказнивноста на напаѓачите врз новинарите, крај на агресивниот „ПР“ на Владата и на омаловажувачкиот однос на политичарите кон медиумските работници, итно формирање на фонд за квалитетни медиумски продукти, беа дел од темите што  претставниците на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) ги истакнаа за време на посетата на Европскиот парламент и Европската комисија во Брисел.

Во периодот од 08-09 март, во Брисел претставници на ЗНМ имаа директни средби и разговори со пратеници од Европскиот парламент и вработени лица од Директоратот за проширување при Европската комисија на теми поврзани со правата на новинарите во Македонија и условите во кои работат медиумите.

Како важни прашања за евроинтеграцијата на државата беа посочени неколку конкретни работи и тоа: законскиот контекст и (не)имплементацијата на медиумските закони, потоа економскиот статус на медиумите и новинарите како предизвик во вршење на нивната работа, трето прашања поврзани со безбедноста на медиумските работници и четврто можноста да се формира фонд за новинарски продукти.

                                                  Фото: ЗНМ

Претставниците на ЗНМ, Младен Чадиковски и Драган Секуловски и пратеникот Илхан Ќучук, кој е известувач за Македонија во Европарламентот  се согласија дека се потребни итни чекори за подобрување на состојбите, за што новинарската заедница, како што беше речено на состанокот има поддршка од Европарламентот. Ново донесените закони, што се важни за медиумските работници, како што е Законот за граѓанска одговорност од клевета и навреда и Законот за измена на кривичниот закон се позитивни чекори, но не смее да се дозволи да има уназадување во другите процеси важни за слободата на медиумите, беше истакнато на средбата.

Се одржа и средба со претставникот на европската комисија Виктор Тилев, при што се оцени дека пред земјата стојат многу предизвици од аспект на новинарските прашања, во областа на сите теми што се наметнати.

Европските претставници се согласија дел од овие барања да ги адресираат и како дел од идните активности на Брисел со Скопје.

Посетата на ЗНМ беше во рамки на редовните активности на мрежата „SafeJournalists“, која застапува повеќе од 8.200 медиумски работници во Западен Балкан во која освен ЗНМ, членки се здруженијата на новинари од Белград, Приштина, Сараево, Загреб и новинарскиот синдикат од Подгорица.

Новинарски протест: Солидарно до поголеми права за медиумските работници

0

„Навредата кон новинарите е потценување на граѓаните“, „Работиме за граѓаните, не за политичарите“, „Ако ја ограничите нашата слобода, ја загрозувате вашата“, „Без локални медиуми вистината не е целосна“, се дел од пораките кои денеска новинарите и снимателите ги испратија од пред Владата и Собранието.

На денот кога се одбележуваат 77 години од постоењето на Здружението на новинарите на Македонија, ЗНМ и Синдикатот на новинари и медиумски работници (ССНМ), заеднички го изразија незадоволството од нападите врз новинарите, навредите и понижувањата од политичарите, нелојалната конкуренција, небезбедните услови во кои работат новинарите, лошата социо-економска состојба.

Пораките на ЗНМ и ССНМ беа испратени преку јавно обраќање на претседателите на двете здруженија, како и преку новинари и медиумски работници кои беа жртви на физички и вербални напади.

До Владата и до Собранието на РСМ беа доставени барања:

·       Да престане негативниот тренд на понижувачки говор од страна на министри, директори, политичари
·       Крај на агресивниот државен пи-ар
·       Поддршка за колегите од внатрешноста во насока на изнаоѓање системско решение за квалитетна новинарска содржина и достоинствени плати
·       Обезбедување услови за квалитетни професионални новинарски продукти, за традиционалните, но и за новите медиуми
·       Имплементација на законите кои се важни во новинарската сфера, за обезбедување независно и функционално работење на јавниот сервис и регулаторот
·        Брза и ефикасна имплементација на законите кои ја третираат безбедноста на новинарите

Во своето обраќање пред колегите и медиумите, претседателот на ЗНМ Младен Чадиковски порача:

„ Бараме почит за новинарската професија, нас никој не смее да не потценува и навредува затоа што ние работиме за граѓаните.  Излегуваме за да потсетиме дека новинарството е јавно добро, тоа не им припаѓа ниту на Владата, ниту на опозицијата, ниту на партиите, ниту на газдите на медиумите, туку им припаѓа на новинарите и новинарките. Вака веќе не може… Законите важни за медиумите не се спроведуваат, јавните функционери имаат потценувачки однос кон новинарите и снимателите, државниот Пи/ар ја зема работата на новинарите снимателите, фоторепортерите, Владата создаде најголема редакција. Државните институции и нивите директори имаат проблем да сфатат дека не е транспарентност кога со денови чекате одговор, а добивате пр памфлет за објава. Локалните и регионални медиуми работат на раб на издржување, безбедноста на новинарите не е на ниво на кое би сакале да биде.Ова мора да се промени.“

Пред присутните се обрати и претседателот на ССНМ Павле Беловски кој рече: „Како ни трули cрцевината на нашата професија. Тие работат во навистина тешки услови, со се помалку кадар, со ниски плати, и нивната социо-економска состојба е незавидна. Затоа и се повеќе се чувствува недостатокот на локални теми, на известувања од локалните заедници што претставува сериозен недостаток во една демократија. Сметаме дека е повеќе од итно да се донесат решенија за подобрување на состојбата во која се наоѓаат новинарите и медиумските работници од внатрешоста. Решенија кои ќе бидат системски, законски, а не парцијални. Решенија со кои работодавците ќе добијат квалитет, а нашите колеги сигурност. Бараме услови, а не милостина. “

Пред Собранието на присутните медиумски работници им се обратија, Сенат Зулбеари потпретседател на ЗНМ, новинарите Сашка Цветковска, Душица Мрѓа, Славица Филиповска, Жанета Здравковска во име на регионалните центри на ЗНМ, Ведут Османи од секцијата на сниматели. Беа испратени пораки за решавање на дел од предизвиците со кои се соочуваат новинарите, за прекин на тужбите кон нив како и за подобрување на условите во кои работат и младите новинари во целата држава.

SafeJournalists: Недозволиви изјави на премиерот на Хрватска за промена на Кривичниот законик поради протекување информации

0
photo: canva

Претседателот на Владата на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ, во понеделникот по седницата на претседателството на Хрватската демократска заедница (ХДЗ) најави дека Законот за кривична постапка и Кривичниот законик ќе бидат изменети за да се спречи протекување информации од досиеја, со што се криминализира создавањето „политички проблеми“. „Работите од досиејата кои ни предизвикуваат политички проблеми и протекуваат – тоа нема да се случи бидејќи тоа ќе биде кривично дело“, рече Пленковиќ.

Хрватското здружение на новинари (ХНД) поднесе претставка до Народниот правобранител, се обрати до сите пратенички клубови во хрватскиот Сабор, испрати писмо до хрватската влада и до кабинетот на претседателот, информираат од Европската федерација на новинари, Европскиот центар за печат и медиуми. Слобода и сите европски партнери за оваа изјава. Исто така, ХНД најавува дека ќе пише до Европската комисија со детални објаснувања зошто ваквите најави за измени на кривичниот закон се неприфатливи за едно демократско општество, особено за новинарската професија.

„За ХНД се неприфатливи измените што ги најави премиерот Андреј Пленковиќ. Тие директно ја загрозуваат новинарската професија, новинарството и медиумите се всушност загрозени, а кога ќе се земе предвид дека премиерот Пленковиќ има амбиција да биде главен и одговорен уредник. од сите хрватски медиуми од првиот ден и постојано ги обвинуваат медиумите, ова е уште поголем аларм за нас, ќе се бориме со сите легитимни средства против ваквите измени на законот, кои директно би ја нападнале новинарската професија, односно промените кои повлекуваат необјавување приказни кои се од јавен интерес, но може да бидат незгодни за оние кои моментално се на власт“, вели Хрвоје Зовко, претседател на ХНД.

Дополнително, Република Хрватска го имаше Законот за кривична постапка со кој сите документи и информации во овие постапки ги третираше како тајна, поради што кривично ги гонеше сите протекувања од вакви случаи. Тоа резултираше со бројни притисоци врз новинарите да ги откријат своите извори. Затоа, Законот за кривична постапка беше изменет пред десет години за да се направи ваквата постапка да не биде тајна дури и ако не е јавна. Како резултат на тоа, откривањето податоци од случајот престана да биде кривично дело. Дури и ако не е доволно јасно што сега би сакал да промени премиерот, од ХНД велат дека имаат причина да се загрижени дека тоа би претставувало чекор назад за целата деценија.

Мрежата SafeJournalists, која претставува повеќе од 8.200 медиумски професионалци во Западен Балкан, се придружува на ХНД во осудата на ваквите изјави на премиерот на земјата и директниот напад врз слободата на медиумите, а со тоа и врз демократијата и правото на јавноста да знае.

Мрежата SafeJournalists ќе ги информира сите релевантни национални и меѓународни чинители за овој случај.

Секој напад врз новинари е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.

Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Скопје – Загреб, 15.02.2023

 

Здружение на новинари на Македонија

Здружение на новинари на Косово

Здружение на новинари на БиХ

Здружение на новинари на Хрватска

Независното здружение на новинари на Србија

Синдикатот на медиуми на Црна Гора

Иницијатива за заштита на авторското право на професионалните фоторепортери

0

На иницијатива на членовите на секцијата на фоторепортери при ЗНМ беше одржан работен состанок на кој се разговараше за предизвици и трендови во фелата.

На состанокот беше присутен и адвокат ангажиран од ЗНМ со кој беше дискутирано за правните механизми кои можат да се преземат при „крадење на авторски фотографии“.

Членовите од секцијата одлучија дека во иднина потребно е да се направат средби со надлежните институции на кои би се побарале повторно законски измени но и институционална поддршка и проактивност во заштита на авторското право на прпфесионалните фоторепортери.

ЗНМ во престојниот период, во насока на подобрување и заштита на авторските права на фоторепортерите, ќе реализира средби со Министерството за култура како надлежно за спроведување на Законот за авторско право и другите сродни права, како и средба со обвинители од Основното јавно обвинителство во Скопје земајќи во предвид дека повреда на овие права истовремено е и кривично дело.

На иницијатива на ЗНМ, одржана втора средба во АВМУ на тема – зајакнување на дописничката мрежа на националните концесионери

0

На иницијатива на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) се одржа јавна дебата во Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиуми (ААВМУ) на која покрај претставниците на ЗНМ, присуствуваа и директорот на Агенцијата со претставници од Советот, како и репрезенти на дел од националните телевизии.

Целта на средбата беше да се разгледа и дискутира барањето на ЗНМ за измена на Правилникот за минимални технички, просторни, финансиски и кадровски услови за добивање дозвола за телевизиско и радио емитување, каде што би се регулирала обврската на радиодифузерите за ангажирање на медиумски работници надвор од Скопје.

По обраќањето на директорот на ААВМУ Д-р Зоран Трајчевски кој ја отвори средбата, се обрати претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски кој накратко ги објасни причините зошто е потребно да се случи измената – локалната перспектива, брзината и точноста на известувањето, поголема ефикасност во работата, градење на доверба со локалните заедници како и разновидноста во информирањето.

„Локалните дописници играат клучна улога во покривањето и известувањето за вестите и настаните во Северна Македонија. Тие обезбедуваат локална перспектива, брзина и точност на известувањето, исплатливост, градат доверба и обезбедуваат разновидна покриеност, помагајќи им на националните ТВ станици да го воспостават својот кредибилитет и да допрат до поширока публика. На овој начин би се креирало јавното мислење во поширока смисла. Во моментов во ААВМУ постојат правилници со сличен домен, така што не би требало да има проблеми во вметнување на ваков тип на промени“ – рече Чадиковски во своето обраќање.

За време средбата се разви дискусија со претставниците на националните телевизии од која произлегоа позитивни предлози во однос на измените на правилникот. Генералниот став на телевизиите е дека на никого нема да му пречи да има локални дописници од други градови, меѓутоа дел од нив гледаат предизвици во делот на финансиите, односно во услови кога медиумите немаат доволно средства нормално да функционираат, се отежнува работата, а притоа нема помош од Регулаторот или друго  надлежно тело. Исто така се постави и дилемата дали има доволно  слободно новинари кои што би се вклопиле во потребите на овие телевизии со цел да се креира содржина која ќе ги опфаќа темите од локален и регионален интерес.

Драган Секуловски од ЗНМ, по изнесените ставови и проблематики, констатираше дека има потреба да се изработи анализа од страна на Регулаторот каде партнер во изработката ќе биде ЗНМ, со простор за учество со релевантни сугестии од националните концесионери.

Средбата претставуваше продолжение на состанокот одржан минатиот месец со директорот на ААВМУ, на иницијатива на ЗНМ, на кој присуствуваа Младен Чадиковски, Драган Секуловски, Димитар Мицев од ТВ Канал ВИС од Струмица и Неџат Аќифи од ТВ Феста Куманово, координатор од ЗНМ за овој регион.

ЗНМ со барања од АВМУ за олеснување на работата на локалните медиуми и зајакнување на дописничката мрежа

0

На иницијатива на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) се одржа состанок со директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиуми (АВМУ) Зоран Трајчевски и дел од стручната служба на регулаторот.

За време на средбата се разговараше за две главни точки: првата беше барање за намалување на давачките на локалните и регионалните медиуми кон регулаторот, а втората точка беше проблемот кој со години е актуелен, а тоа е немање на дописничка мрежа на националните концесионери.

Чадиковски се осврна на овие две точки како реални проблеми со кои се соочуваме со години, барајќи начин како заеднички да се решат, причина заради која беше побаран и одржан состанокот.

„Ние како ЗНМ сме во постојана комуникација со нашите колеги од локалните и регионалните центри и знаеме точно со што се соочуваат на секојдневна база, не само медиумите чиј опстанок е загрозен, туку и целиот медиумски кадар кој а ангажиран таму. Ја преземавме обврската да ги браниме пред институциите. Едно од барањата е да се намалат давачките кон АВМУ на локалните и регионалните медиуми, а второто барање кое произлезе од разговорите со колегите е проблемот со дописниците. Не е прифатливо национални телевизии да немаат дописници кои известуваат надвор од Скопје, односно да нема интерес да се известува за теми од локален јавен интерес. Потребно е да се намали јазот помеѓу новинарите и снимателите кои работата во другите градови и колегите кои работат во Скопје. Според анализите на ЗНМ, има медиуми што немаат ниту еден дописник, некои има по двајца или тројца, факт е дека потребата за тоа е многу поголема“ – рече Чадиковски.

ЗНМ побара информација од АВМУ дали постои начин да се промени ситуацијата во поглед на намалување на давачките, и во исто време на кој начин може да се поттикнат националните концесионери да ја подобрат праксата на информирање на јавноста за теми од локален и регионален карактер.

Во однос на дозволите за работа, односно надоместокот кој го даваат медиумите кон регулаторот во 2018 година се намалиле за 30%, додека минатата година намалувањето е до 50% . Финансиската разлика која на АВМУ и е потребна заради намалувањето, ја надополнува Владата. Како што велат од таму, проблемот е многу поширок заради фактот што регулаторот нема можност да ги намали повеќе од сега или да ги укине, затоа што на тој начин ќе се трпи финансиска загуба, кој од друга страна пак ќе треба да ја покрива Владата, а тоа во моментов е неизводливо.

Заклучокот од средбата е дека ЗНМ и АВМУ ќе продолжат да разгледуваат начини за олеснување на работата на локалните и регионални телевизии и радија како и тоа дека ЗНМ ќе поднесе иницијатива за измена на правилниците на регулаторот со цел националните телевизии да имаат обврска да ангажираат дописници кои би известувале за прашања од локален јавен интерес.

Од извршната канцеларија на ЗНМ присуствуваа Младен Чадиковски, Драган Секуловски и Билјана Настеска Каланоска, потоа Димитар Мицев од ТВ Канал ВИС од Струмица и Неџат Аќифи од ТВ Феста Куманово, координатор од ЗНМ за овој регион.

РЕЗУЛТАТИ ОД ГОДИШНО ИЗБОРНО СОБРАНИЕ НА ЗНМ

0

Рекорден број на новинари и медиумски работници беа присутни на годишното Изборно собрание на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) на кое се гласаше за нов Претседател на Здружението и за нови членови на Управниот одбор, Надзорниот одбор и Советот на чест при ЗНМ.

Присутни во салата беа околу 500-тини новинари и медиумски работници, од кои регистрирани со право на глас беа 487 новинари.

Резултатите се следни:

За Претседател на ЗНМ е избран Младен Чадиковски со 275 гласови, Марјан Николовски освои 119 и Фиљана Кока 53 гласови, а неважечки ливчиња беа 11 од вкупно 458 гласа.

За членови на Управен одбор се избрани:

  1. Анета Блажевска
  2. Аслан Вишко
  3. Сенат Зулбеари
  4. Трајче Илиевски
  5. Мишко Иванов
  6. Маја Јовановска
  7. Петар Клинчарски
  8. Искра Опетчевска
  9. Среќко Поповски
  10. Ристо Тасев

За членови на Надзорен одбор се избрани:

  1. Мефаил Исмаили
  2. Роберт Коцев
  3. Сеад Ризвановиќ
  4. Горан Симоновски
  5. Миомир Серафиновиќ

За членови на Совет на честа се избрани:

  1. Саше Димовски
  2. Огнен Јанески
  3. Мира Костиќ
  4. Емилија Мисирлиевски
  5. Игор Стефановски

Годишното редовно Изборно собрание беше најпосетениот новинарски настан во Македонија каде што на демократски и фер начин, новинарите и медиумските работници го искажаа своето мислење за иднината на новинарството во која ќе продолжат да се имплементираат и понатаму принципите на професионалното новинарство.

Секцијата на фоторепортери при ЗНМ – актуелни предизвици

0

Непочитувањето на авторските права и безправното преземање на фотографии, ,,нелојалната конкуренција” од  државните службеници во улога на фоторепортери, отежнатиот пристап за работа на настани од јавен интерес, солидарноста како предуслов за заедничко делување беа дел од темите на работната средба. На иницијатива на претставниците на Секцијата на фоторепортери при ЗНМ, денеска со присуство на најголемиот дел професионални фоторепортери од државата, се одржа конструктивна средба на која се донесоа повеќе заклучоци за идните делувања.

Претседателот на ЗНМ, Чадиковски ги поздрави присутните и порача: ,,Од исклучителна важност е на ваквите средби да ги споделиме очи во очи проблемите и предизвиците со кои се соочувате вие фоторепортерите. Во многу сегменти ги делите истите проблеми како и новинарите и останатите медиумски работници. Работата и активностите на оваа секција придонесуваат да се детектираат и да се бараат начини за надминување на професионалните предизвици со кои се соочуваат луѓето од овој сектор, кои важат за силни професионалци. Потребно е да продолжиме со солидарниот пристап и заедништвото во работата како на вас фоторепортерите, така и на новинарите како предуслов за унапредување на професионалноста”.

Фоторепортерите истакнаа дека се соочуваат со повеќе предизвици и сугерираа дека е потребен институционален пристап за подобрување на условите и практичен притисок во контекст на интензивни средби со одговорните лица кои ги планираат и организираат настаните во име на јавните институции. Освен ова присутните ја истакнаа потребата од дополнителна промоција на правата на фоторепортерите и фактот дека нивниот авторски труд треба да се почитува и цени како од страна на медиумите така и од страна на институциите.

Фоторепортерот Роберт Атанасовски во своето обраќање ја истакна важноста од ваквите средби бидејќи на овој начин може да се споделат проблемите, како и да понудат заеднички решенија со кои би можеле да пробаме со солидарен пристап да промениме некои работи во позитивна насока.

Беше поздравена инцијативата за обуки во насока на унапредување на безбедноста на фоторепортерите и професионалната етика. Како плод на досегашната успешна соработка беше дискутирана публикацијата – прирачникот за следење на настани од висок ризик во кој се претставени меѓународни стандарди и процедури што се применуваат кога фоторепортери известуваат од настани со висок ризик.

Фоторепортерот Петр Стојановски пред присутните истакна дека ова е одлична можност да поразговараме на важни теми кои директно ги засегаат фоторепортерите, како да направиме позитивен чекор во насока на обезбедување на нормални услови за непречена работа на фоторепортерите кога се покриваат разни настани или протести.

Како координатори за идните активности на секцијата беа избрани колегата Атанасовски и Стојановски кои заедно со извршната канцеларија на ЗНМ во иднина ќе ги организираат активностите на секцијата на фоторепотери при ЗНМ.