ЗНМ бара претседателот на Судски совет да се извини на новинарите

0
394

СКОПЈЕ 24.02.2017 Здружение на новинарите на Македонија ги осудува навредите на новинарите од  претседателот на Судски совет, Зоран Караџовски, кој во изјавата од 22 февруари ги оцени извештаите на медиумите за распределувањата на судиите од кривичен во прекршочен суд како театрални вулгарности, а новинарите ги етикетираше како „самонаречени новинари“.

Ваквите изјави на Караџовски, кои се повторуваат во континуитет, се неодговорни и непрофесионални и претставуваат неуспешен обид за нарушување на кредибилитетот и интегритетот на новинарите. Ако имало непрофесионално известување од одредени новинари за распределување на судиите, Караџовски можел да побара заштита од Совет на честа на ЗНМ или Советот на етика во медиумите, а во крајна инстанца и од судските органи, но во никој случај нема право да ги дискфалификува сите новинари, со цел да ја поткопа довербата на јавноста во медиумите.

Караџовски за лошите состојби во судскиот систем не треба да бара дежурни виновници кај новинарите, туку треба да преземе лична одговорност за слабостите во работата на судовите, за што потврди и пресудата на Европскиот суд за човекови права од девети февруари. Тој мора да ја почитува улогата на медиумите во демократијата како заштитници на јавниот интерес преку постојано инсистирање институциите да бидат транспаретни и отчетни.

Истапот на Караџовски целосно кореспондира со реакциите на Кривичниот суд во врска со известувањата на медиумите за промената на годишниот распоред на судиите од В.Д. претседателката на судот, Татјана Михајлова, која во континуитет не дозволува снимање на новинарските екипи на судењата на поранешниот премиер Никола Груевски, затскривајќи се зад барањето на обвинетиот да не се снима. Сепак крајна одлука дали ќе се дозволи снимање ја носи според неговото убедување и  јавниот интерес на граѓаните, кои имаат право да знаат за што е осмничен поранешниот премиер.

Бараме од претстедателот на Судски совет јавно да се извини за искажаните навреди кон новинарите, а судијката Михајлова да дозволи снимање на новинарските екипи. Правото на презумпција на невиност на поранешен премиер не може да има предност пред правото на јавноста да знае.

Скопје, 24.02.2017

Здружение на новинарите на РМ

Фото извор: Алфа ТВ