Одржано предавање на тема „Улогата на медиумите во развојот на јавниот имиџ на свиркачите“

0
141

СКОПЈЕ, 10.11.2017 – Пред три дена во организација на Здружението на новинари на Македонија и Амбасадата на САД во Македонија се одржа предавање на тема „Улогата на медиумите во развојот на јавниот имиџ на свиркачите“.

На настанот се обрати претседателот на ЗНМ, Насер Селмани кој се заблагодари на САД кои се голем поддржувач на Здружението во заштита и промоција на слободата на говорот во Македонија и му посака добредојде на говорникот Том Девајн, кој е меѓународен експерт за заштита на свиркачите.

„Се согласуваме дека сега е моментот во Македонија да се отворат сите прашања што се однесуваат на слободата на говорот и квалитетот на демократијата. Прашањето на укажувачите е едно од тие важни прашања“, истакна Селмани.

Тој нагласи дека законот мора да претрпи промени и да почне правилно да се спроведува. Тој додаде: „Македонија од 2016 година има закон за укажувачи, кој не е во согласност со меѓународните стандарди. И така лош каков што е, тој не се спроведува затоа што системот се плаши од транспарентност и отчетност“.

Директорот за правни работи во проектот за владина одговорност од Вашингтон, Том Девајн смета дека се потребни значителни законски измени и воспоставување на соодветна структура за тој да почне да дава резултати. „Мора да се обезбеди соодветна обука за вработените, за нивните раководители и за судиите кои би постапувале по такви предмети. И најважно од се е да се обезбеди јавна кампања, односно целото население да се запознае со Законот и заштитата што тој ја нуди“, истакна тој.