Потпишана декларација за унапредување на дијалогот меѓу парламентите и новинарските здруженија од Западен Балкан

0
544

Денес во Собранието на РСМ се одржа регионалната конференција на тема ,,Унапредување на дијалогот меѓу парламентите и новинарите од Западен Балкан” која беше во организација на Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) во соработка со Собранието на Република Северна Македонија.

Целта на оваа Регионална конференција е да се унапреди дијалогот помеѓу пратениците од националните парламенти и здруженијата на новинари во земјите од Западен Балкан во насока на подобрување на состојбата на слободата на изразување како основно човеково право и зајакнување на улогата на граѓанските организации.

На оваа конференцијата, претставниците на четирите парламенти и новинарските здруженија од Западен Балкан потпишаа заедничка Декларација за унапредување на дијалогот меѓу парламентите и новинарските здруженија од Западен Балкан и се договорија секоја година да организираат регионална конференција во една од земјите во регионот.

Во своето обраќање претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Младен Чадиковски кажа: „Без предуслови за слободна политичка арена вие пратениците не можете да им служите на граѓаните кои ве избрале. Без предуслови за безбедна работа на новинарите, ние новинарите не можеме достоинствено да им служиме на граѓаните во насока на правовремено и непристрасно известување. Затоа сме денес заедно, вие да ја почувствувате вистинската одговорност во вашите пратенички клупи, а ние можеби да ја слушнеме и другата страна на приказната. Знам дека не сме безгрешни. Новинарството живее во ера која се обидува да биде дел од пропагандни и лажни наративи, но ние професионалците имаме обврска да ги посочиме со прст оние што прават проблеми во нашите редови.“

Претседателот на Собранието на Р. Северна Македонија, Талат Џафери изјави дека му е чест што е дел од една ваква конференција чија цел е подобрување на дијалогот меѓу парламентите и новинарите. Kажа дека медиумите се од голема важност за секоја земја, но и се присутни во секој агол од светот. Секој закон ги покажува слабостите преку имплементација во општеството, а токму законите се тие кои ја носат безбедноста на новинарите , што е пак од есенцијална важност за секоја држава.

„Мора да продолжиме да работиме на нееднаквиот третман на новинарите за да нема напади и закани. Има уште многу да се направи, но оваа конференција е добар почеток, а потпишувањето на заедничката декларација е продлабочување на оваа соработка.“

Покрај претседателот на Собранието на РСМ, Талат Џафери, претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, на настанот учествуваа: претседателот на Собранието на Р. Црна Гора, Г-н Алекса Бeчиќ, потпретседателот на Собранието на Р.Србија, Радован Тврдишиќ и Претставник на Собранието на БиХ – Лазар Продановиќ.

Пред присутните се обрати и претседателот на црногорското собрание Алекса Бечиќ кој ја поздрави иницијативата за соработката меѓу новинарите и парламентарците и нагласи дека голема е одговорноста на новинарите при пласирање на информациите, што носи пак сличности со пратениците кои исто така имаат одговорност пред граѓаните кои ги избрале. Со оваа конференција се поставуваат нови стандарди за дијалогот меѓу новинарите и парламентарците, рече Бечиќ.

Веднаш по него, се обратија Радован Тврдишиќ, и Лазар Продановиќ  кои исто така ја истакнаа важноста од соработката помеѓу двете страни која ќе служи како поддршка за европска перспектива на земјите од Западен Балкан и изразија надеж дека ќе премине во добра пракса за идна регионална соработка.

Збор земаа и претставниците на новинарските здруженија од Западен Балкан: Драган Секуловски, извршен директор на ЗНМ, Радомир Крачковиќ, потпретседател на Синдикатот на новинари на Црна Гора, Жељко Бодрожиќ, претседател на Независното здружение на новинари на Србија и Борка Рудиќ, генерален секретар Здружението на новинари од БиХ. Во работниот дел свое обраќање имаа Бојан Василевски, заменик генерален секретар на Собранието на РСМ, Драган Бојовиќ, претставник на Собрание на Р. Црна Гора и Златко Вукмировиќ, шеф на службата за информации на Парламентарното собрание на Р. Босна и Херцеговина.

Конференцијата е организирана во рамките на регионалниот проект „Подобрување на дијалогот меѓу новинарските здруженија и парламентите во Западен Балкан за посилен граѓански сектор“, финансиран од СИДА, во рамките на проектот „Заштита на граѓанскиот простор – регионален центар за развој на граѓанското општество“ имплементиран од BCSDN.