SafeJournalists: Напад врз новинарите на ,,Топ Канал” во Албанија

    0
    252
    photo: canva

    Новинарите на истражувачката ТВ-емисија Фикс Фаре беа физички нападнати на 8-ми февруари додека снимаа нелегално ископување на руда кај реката Зезе во Никел, Фуше Крује, на околу 30 километри од главниот град во Албанија.

    Беспилотното летало (дронот) на новинарите беше застрелано од оружје, а тројца мажи со пиштоли тргнаа напред, вперувајќи ги пушките кон екипата за снимање на само неколку метри. Потоа до нив дошол маскиран маж, кој се обидувал да ја земе камерата со снимката и физички ја нападнал филмската екипа, а исто така им се заканувал по живот повеќе од 30 минути. Иако успеале да избегаат, повеќе од 50 минути чекале да интервенира полициската патрола.

    Претседателот на Република Албанија, г-дин Бајрам Бегај, во официјалното соопштение најостро го осуди овој сериозен чин на насилство врз медиумските работници и рече дека целосно ја поддржува емисијата „Фикс Фаре“ во нејзината мисија, храброст и професионалност. Исто така, Управата за аудиовизуелни медиуми го осуди нападот, наведувајќи дека тој ја загрозува слободата на говорот и безбедноста на новинарите. Државната полиција на 9 февруари потврди дека се започнати истраги и дека „материјалите за овој случај се предадени на Обвинителството за понатамошно постапување“ – се вели во нивното официјално соопштение во врска со овој напад. Две лица се идентификувани како сторители и сега се под истрага, но се уште не се уапсени. Тие се вклучени во полициската листа на трагачи.

    Ова не е прв напад врз новинарите на Фикс Фаре. Уште во март 2022 година, мрежата SafeJournalists реагираше на нападот врз екипата за снимање во Сукт, Драч, од страна на компанијата Обитал.

    „Ова е еден од најсериозните случаи на вистински напади врз новинари и медиумски екипи во Албанија во последните години. Ова е напад од приватни компании и поединци кои се обидуваат да покриваат незаконски активности, што претставува директна закана за безбедноста на истражувачките новинари и нивните тимови, што пак ја обесхрабрува идната истражувачка работа на новинарите во Албанија“ – истакна Блерјана Бино, истражувач на мрежата SafeJournalists во Албанија.

    Мрежата SafeJournalists остро го осудува вршењето физичко насилство кое вклучуваше употреба на огнено оружје за закана како неприфатливо и сериозно нарушување на безбедноста на новинарите и медиумските работници. Бараме брза истрага, изведување на сторителите пред лицето на правдата и обезбедување на безбедноста на новинарите додека известуваат од терен.

    Мрежата SafeJournalists ќе ги информира сите релевантни национални и меѓународни чинители за овој случај.

    Секој напад врз новинари е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.

     

    Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Скопје – Загреб, 10.02.2023

     

    Здружение на новинари на Косово

    Здружение на новинари на Македонија

    Здружение на новинари на БиХ

    Здружение на новинари на Хрватска

    Независното здружение на новинари на Србија

    Синдикатот на медиуми на Црна Гора