ССНМ: Владата своеволно го толкува извештајот на Репортери без граници во делот за работничките права

ССНМ: Владата своеволно го толкува извештајот на Репортери без граници во делот за работничките права

Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници е зачуден од толкувањето на македонската влада на извештајот на „Репортери без граници“ за состојбата со слободата на медиумите во Македонија. Според ССНМ, соопштението кое било испратено од владината прес-служба со наслов „Владата го одржува нагорниот тренд на Северна Македонија на листата за слобода на медиумите на „Репортери без граници“, претставува своеволно толкување на извештајот и преземање на успесите на други организации и иницијативи на свое конто.

„Во соопштението на Владата како причини за скокот на листата е наведено подобрувањето на работничките права на новинарите и медиумските работници, но тоа во извештајот на „Репортери без граници“ не е така нотирано“, се вели во реакцијата на Синдикатот од каде додаваат дека во извештајот на „Репортери без граници како позитивни се истакнати иницијативите и активностите на синдикатот, Здружението на новинари и Советот за етика во медиумите во Македонија притоа означувајќи ги како „многу значајни постигнувања“, но од страна на фелата.

„Во извештајот е спомената иницијативата на ССНМ за потпишување на „Повелбата за работните услови на новинарите“ на Европската Федерација на новинари, како и на нацрт фер-договорите за вработување изработени од ССНМ со помош на Меѓународната федерација на новинари од страна на ЗНМ, СЕММ и други медиуми и организации“, пишува во соопштението на Синдикатот.

Повелбата за работните услови на новинарите и нацрт фер-договорите за вработување на новинари и медиумски работници во дигиталните медиуми беа потпишани од Самостојниот синдикат на новинари и Медиумски работници во соработка со ЗНМ и СЕММ, со што се обврзаа на почитување на работничките права на новинарите и медиумските работници, нивното право на слобода на изразување како и етички и професонални стандарди“, стои во резимето од извештајот на „Репортери без граници“.

Според ССНМ, Повелбата, како и нацрт фер-договорите за вработување се иницијатива на ССНМ со помош на ИФЈ и ЕФЈ кои претставуваат дел од подолг процес кој сè уште трае. „Нивното потпишување е поздравено од меѓународните организации, но тоа не значи дека преку ноќ е подобрена состојбата со работничките права во медиумите. Ако Владата сака да има барем минимум подобрувања во оваа сфера потребни се низа законски измени, како и поголема контрола на тоа дали се почитува Законот за работни односи“, порачуваат од ССНМ.

„ССНМ ја користи оваа прилика уште еднаш да истакне дека работничките права на новинарите и медиумските работници се под постојана закана, наши колеги се соочуваат со правна, социјална и економска несигурност, несигурност на работното место, а прекаријатот е сериозно распространет особено во дигиталните медиуми . Исто така  во голем дел од таканаречените традиционални медиуми не се почитуваат основните работнички права, а во голем дел од нив на сила се директни забрани за синдикални активности што е спротивно на Законот за работни односи“, се вели во реакцијата на ССНМ.

ССНМ ја поздрави одлуката на Владата економските мерки за време на кризата со корона вирусот да важат и за медиумите, но напоменаа дека ако оваа состојба продолжи тие нема да бидат доволни за зачувување на работните места на новинарите и медиумските работници бидејќи медиумите ќе се соочат со уште поголеми финансиски проблеми.

Новинарите и медиумските работници од почетокот на кризата со коронавирусот се една од најизложените професии во земјава, извршувајќи една од најважните алки во борбата против епидемијата – правовремено и точно информирање на граѓаните. Професионалното известување е еден од најважните фактори во вонредни ситуации како оваа, а новинарите и медиумските работници професионално можат да ја вршат својата работа само доколку се економски и социјално обезбедени.