Полициската интервенција во Северна Митровица ја загрози безбедноста на новинарите

0
298

ПРИШТИНА, 30.03.2018 – Регионалната платформа на Западен Балкан за застапување на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, која застапува повеќе од 8000 членови, ги осудува последните инциденти кои се случија врз новинарите за време на полициската интервенција во Северна Митровица.

Инцидентот се случи на 26ти март, каде специјалната полициска единица – Регионална единица за оперативна поддршка (ROSU) – во Северна Митровица го уапси претставникот на српската влада Марко Ѓуриќ, кој според Владата на Косово, влегол во државата без претходно одобрение од властите во Приштина.

Новинарите ја покриваа средбата на Ѓуриќ и другите претставници со граѓаните на Северна Митровица, кога полицијата изврши интервенција на тоа место.

За време на интервенцијата, специјалците искористија шок бомби и солзавци за да ја разделат толпата која го блокираше влезот на зградата каде се одржуваше средбата. Во таа хаотична ситуација, неколку новинари беа повредени и дел од нивната опрема беше оштетена. Меѓутоа, и други новинари беа нападнати на друга локација.

Повторно е очигледно дека новинарите и новинарските работници работат во многу небезбедни околности. Оттаму, Платформата повторно ја истакнува својата загриженост во однос на безбедноста на новинарите и инсистира Косовските власти да спроведат истрага за полициската акција.

Заменик директорот на косовската полиција во Северна Митровица, г. Хоти, му посочи на Здружението на новинарите на Косово во врска со полициската акција, дека ниту еден случај на нападнат новинар не бил пријавен од страна на ниту еден новинар.

Платформата ги охрабрува сите новинари да ги пријават инцидентите и нападите секогаш кога се нападнати или добиваат закани на работното место. Исто така, ги повикува властите да направат се што е во нивна моќ за да обезбедат безбедна средина за работата на новинарите.

Од почетокот на 2018 година, Здружението на новинарите на Косово регистрираше 7 инциденти врз новинари, вклучувајќи тука еден физички напад и шест случаи на застрашување, не вклучувајќи го последниот инцидент.

Секој напад на новинар, претставува напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.