СКОПЈЕ, 12.01.2018 – Со Љубиша Станковиќ, новинар, разговаравме за ограничувањата во слобдата на изразување и контрола на медиумската слобода.
ЦИВИЛ Медиа: Што подразбирате по слобода на изразувањето, медиумски слободи и активизам?
Станковиќ: Колку и да се различни тие два термини слобода на изразување и медиумска слобода, сепак еден со друг се надополнуваат. Убаво е да има медиумска слобода, убаво е да постои слобода на говор, меѓутоа она што мене сериозно ме загрижува е што се изместија работите, во смисла ако некој каже вулгаризам и тоа е право на слобода на изразување. Напротив, мислам дека тоа е некултурен однос, нецивилизиран и треба да се регулираат тие работи, едноставно да се знае што е слобода на изразување, а што навреди, клевети или нешто посериозно за што кривично се одговара.
Дури и во однос на активизмот, не само граѓанското општество и медиумите, туку и власта треба да преземе мерки, затоа што некои работи излегуваат надвор од контрола…
ЦИВИЛ Медиа: Дали се соочувате со притисоци од политичките и бизнис центрите на моќта и како се справувате со нив?
Станковиќ: Мене, условно речено, ми е нормално кога политичка елита се обидува да врши притисок. Кога е на власт, сака да докаже дека во неа е моќта. На вас останува дали ќе се согласите или ќе пружите отпор. Кога ќе им дадете до знаење до каде им е границата и тие сфаќаат дека треба да запрат. Проблемот кај нас е што со текот на годините многу новинари кај нас потклекнаа, многу од нив влегоа во некаков клиентелистички приказни. Јас никогаш нема да се согласам со таква варијанта.
ЦИВИЛ Медиа: Кои се вашите препораки, како да се одбранат слободата на изразувањето, медиумските слободи и активизмот?
Станковиќ: Не е проблем да ја браниме и заштитиме слободата, проблем е ако ја злоупотребиме. Значи мора да има некои граници да не се премине онаа црвена линија на добриот вкус па да отидеме во некои други насоки кои што немаат врска со слобода на изразување и медиумска слобода…
Биљана Јордановска
Камера: Атанас Петровски
Фотографија: Вулнет Махмути