SafeJournalists: Пет инциденти против новинарите во Србија

SafeJournalists: Пет инциденти против новинарите во Србија
За период од една недела, Србија регистрираше пет инциденти во кои беа вклучени шестмина новинари. Меѓу овие инциденти имаше физички напад, смртни закани со оружје, смртни закани кон членовите на семејствата, оштетување на гуми од автомобил и смртни закани преку социјалните мрежи.
На 12 август, Салахудин Фетиќ, директор и главен уредник на телевизијата „Санџак“ бил нападнат од локалниот бизнисмен Кемал Мехмедовиќ додека бил во посета на еден локален ресторан. Вербалната расправија се претворила во напад, а Фетиќ добил удари по лицето. Понатамошна ескалација била спречена од присутните луѓе. За настанатата ситуација Фетиќ дал изјава во полиција. Шест дена подоцна, на 18 август, Фетиќ влегол во својот автомобил со колегата Асмир Бихорк кога им пристапиле двајца мажи., каде едниот од мажите прашал:„Што пишуваше за мене во медиумите?“. Фетиќ одговорил дека не го познава и никогаш не пишувал за него. Бихорк излегол од автомобилот обидувајќи се да ја смири ситуацијата, но човекот со своето тело го притискал Бихорк, покажувајќи пиштол кој бил во торбата и му рекол да влезе назад во автомобилот. Новинарите го сториле тоа и директно заминале во полиција за да го пријават случајот. Фетиќ кажал дека полицијата успеала да ги идентификува осомничените и сега собира податоци.
На 13 август, околу 14 часот, двајца мажи влегле во семејниот дом на Јетон Исмаил, уредник на Фолонлине, во Велики Трновац. Исмаил не бил присутен, но мажите ја малтретирале неговата сопруга и ќерка и се заканиле дека ќе ги убијат. Полицијата била алармирана и брзо реагирала со земање на изјави од новинарот и неговото семејство. Исмаил побарал полициска заштита заради сериозноста на заканите и фактот дека е познат идентитетот на мажите кои живеат во истото село. Исмаил рече дека причина за заканите е написот што го објавил пред инцидентот. Властите објавија дека против осомничените ќе биде покрената кривична пријава.
На 14 август, на уредникот на ТВ Н1, Бранислав Совjански, со нож му била прободена автомобилската гума во близина на неговиот дом. Инцидентот бил пријавен во полиција.
На 16 август, главниот и одговорен уредник на Н1 Југослав Косиќ, откако на Твитер се огласил за инцидентот против Совjански, добил бројни закани на социјалните мрежи. Откако лицето кое се закануваше беше предизвикано од новинарката на Н1, Жаклина Таловиќ, тој одговорил со уште повеќе навреди и закани, вклучително и закани за силување. Ова продолжи дури и откако Таловиќ го предупредила дека тоа што го напишал претставува закана и полицијата ќе биде алармирана.
– Позицијата на независните медиуми и новинари во Србија од пандемијата и уличните протести се влошува и реакцијата на властите не ветува многу. Скоро и да нема напредок кога станува збор за истрага и санкционирање на сторителите – рече Жељко Бодрозиќ, претседател на Независното здружение на новинари на Србија (НУНС). Тој додаде дека ваквиот став на државата испраќа застрашувачка порака до новинарите кои работат во интерес на јавноста. – Со непостапување државата ја негува неказнивоста за напади врз новинари. Во земја со вакво ниво на неказнивост, на новинарите им е ускратено нивното основно право да бидат безбедни и да работат без страв, додека на граѓаните им е ускратено нивното право да бидат информирани.
Мрежата SafeJournalists, претставувајќи повеќе од 8.200 медиумски професионалци во Западен Балкан, му се придружува на својот член на НУНС во осудата на инцидентите и ја предупредува јавноста за ефектите од атмосферата што ја овозможува неказнивоста. Особено сме загрижени што членовите на семејството Исмаил биле изложени на малтретирање и напади  и дека лицето што им се заканувало на новинарите во Н1, не се почувствувал обесхрабрено од  тоа што ќе биде повикана полицијата. Ги повикуваме српските власти, пред сè Републичкиот јавен обвинител и Министерството за внатрешни работи да постапат и да ги истражат најновите, како и сите претходни напади и закани против новинарите. Ниту еден новинар не смее да се плаши за својата или за безбедноста на своето семејство заради работата што ја работи.
Мрежата SafeJournalists ќе ги информира релевантните национални и меѓународни заинтересирани страни за овие пет случаи.
Секој напад врз новинарите е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.
Скопје – Белград – Подгорица – Приштина – Сараево – Загреб, 19.07.2020 година
Здружение на новинари на Косово
Здружение на новинарите на Македонија
Здружение на новинари во БХ
Здружение на новинари на Хрватска
Независно здружение на новинари на Србија
Синдикат на медиуми на Црна Гора