Мрежата SafeJournalists ја усвои Декларацијата за унапредување на безбедноста на новинарките од Западен Балкан

Мрежата SafeJournalists ја усвои Декларацијата за унапредување на безбедноста на новинарките од Западен Балкан

На регионалната конференција на SafeJournalists, насловена „Новинарството под напад: време на репресија и отпор“, која се одржа од 29 септември до 1 октомври 2025 година, беше усвоена Декларацијата за унапредување на безбедноста на новинарките на Западен Балкан.

Текстот на Декларацијата е отворен за потпишување од страна на новинарски здруженија, синдикати, медиуми, јавни институции, организации на граѓанското општество, како и поединечни новинари, новинарки и експерти од целиот регион. Сите заинтересирани можат да ја поддржат Декларацијата со свој потпис на следниот линк до 25 ноември.

Текст на Декларацијата

Ние, претставници на новинарски здруженија и синдикати, медиуми, јавни институции, организации на граѓанското општество, како и поединечни новинари, новинарки и експерти од целиот Западен Балкан, собрани на регионалната конференција „Новинарството под напад: време на репресија и отпор“,
признаваме дека обезбедувањето на безбедноста на новинарките е суштински предуслов за заштита на слободата на изразување, зајакнување на демократијата и гарантирање на правото на граѓаните на информирање.

И покрај постојните обврски за родова рамноправност, новинарките во регионот и понатаму се соочуваат со несразмерни ризици — меѓу кои се онлајн вознемирување, физичко заплашување, дискриминација на работното место и родово базирано насилство. Овие ризици често се влошуваат поради вкрстени облици на дискриминација засновани на етничка припадност, возраст, попреченост, сексуална ориентација или други социјални и економски услови, што создава повеќеслојна ранливост.

Слабите институционални реакции, некохерентните законски рамки и длабоко вкоренетите родови стереотипи создаваат средина во која насилството и вознемирувањето често се минимизираат или остануваат неказнети, принудувајќи многу новинарки на автоцензура.

Јавните институции имаат обврска да ги заштитуваат основните права, додека медиумските организации, новинарските здруженија, синдикатите, граѓанското општество и меѓународните партнери обезбедуваат застапување, мониторинг, солидарност и поддршка. Заедно ќе придонесеме кон создавање безбедна и поттикнувачка средина за новинарките низ Западен Балкан, во согласност со нашата заедничка европска перспектива.

Заеднички принципи

  • Родовата еднаквост, слободата на изразување и медиумската слобода се основни права кои се темел на демократијата и европската интеграција.
  • Сите мерки мора да имаат пристап насочен кон жртвата и интерсекциски пристап, обезбедувајќи соодветна заштита и поддршка.
  • Безбедноста бара активна вклученост и солидарност од сите колеги — жени и мажи, уредници и менаџери — во градењето инклузивни и поддржувачки редакции, вклучително и на хонорарни и други несигурни работни позиции.
  • Регионалната солидарност и европската соработка се клучни за зајакнување на безбедноста на новинарките.

Обврски на државните институции

  • Ќе работиме на усогласување на националните правни рамки со стандардите на ООН, ЕУ и Советот на Европа, вклучително и со Конвенцијата на ООН за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените (CEDAW), Истанбулската конвенција, препораките на GREVIO и пристапните критериуми на ЕУ, за спречување родово базирано насилство и обезбедување одговорност за закани и напади.
  • Ќе ги зајакнеме капацитетите на полицијата и правосудните органи за навремена и ефикасна реакција на физички и дигитални закани, применувајќи родово чувствителни и жртвоцентрични пристапи.
  • Ќе ги поддржиме фер трудовите стандарди во медиумскиот сектор преку намалување на неформалноста и унапредување на социјалната заштита, во соработка со синдикатите и професионалните здруженија.
  • Ќе работиме на воспоставување пристапни механизми за пријавување вознемирување и дискриминација на работното место, со заштита од одмазда.
  • Ќе продолжиме со усогласување со европското законодавство, особено во однос на одговорноста на технолошките компании за онлајн родово насилство и систематско собирање и објавување на податоци раздвоени по пол за закани кон новинари.
  • Ќе обезбедиме ефикасни институционални реакции, со цел заканите и нападите врз новинарките да бидат темелно истражени со почитување на правичната постапка.

Обврски на медиумските здруженија, синдикатите и граѓанското општество

  • Се обврзуваме да застапуваме спроведување на законските и регулаторните мерки, следејќи нивна ефективна примена и држејќи ги властите одговорни преку мониторинг, јавна дебата и вклучување во процесите на креирање политики.
  • Ќе промовираме и ќе повикуваме медиумите да усвојат родово сензитивни протоколи за безбедност во редакциите, кои ќе опфатат физички ризици, онлајн вознемирување, дигитална безбедност, психосоцијална и медицинска поддршка и општа социјална сигурност на новинарките.
  • Ќе воспоставиме и зајакнеме независни механизми во медиумите за спречување и решавање на сексуално вознемирување, родова дискриминација и други форми на злоупотреба на работното место.
  • Ќе промовираме еднакви можности и правични услови за работа на новинарките, вклучувајќи сигурни договори, права поврзани со мајчинство и застапеност на лидерски позиции, а синдикатите ќе го зајакнуваат колективното договарање за заштита на правата на жените во професијата.
  • Ќе обезбедуваме поддршка за новинарки под закана, преку правна помош, психолошка и медицинска поддршка и финансиска асистенција, како и преку следење и јавно известување за случаи на насилство и дискриминација.
  • Ќе се вклучиме во регионални и меѓународни разменувања на добри практики, зајакнувајќи ја прекуграничната солидарност и отпорноста на новинарките.

Заеднички обврски

Секој чинител, дејствувајќи во добра волја и во рамките на својот мандат, ќе придонесува за комплементарност и соработка, со разбирање дека напредокот во безбедноста на новинарките зависи од колективен напор:

  • Ќе поттикнуваме структурирана соработка меѓу институциите, медиумите, синдикатите, граѓанското општество и меѓународните партнери.
  • Ќе ги зајакнуваме регионалните механизми за истражување и застапување, вклучително и преку мрежата SafeJournalists, со цел да се документираат закани, собираат податоци и подготвуваат препораки засновани на докази.
  • Ќе организираме редовни регионални форуми за одржување на темата за безбедноста на новинарките високо на политичките и јавните агенди, поврзувајќи ја со демократската консолидација и процесот на европска интеграција.
  • Ќе ја промовираме солидарноста меѓу новинарите, обезбедувајќи дека жените и мажите заедно застануваат против вознемирувањето, заканите и дискриминацијата, негувајќи култура на заемна поддршка во професијата.
  • Ќе поддржиме мерки за брза реакција и заштита на новинарките кои се соочуваат со непосредна опасност.
  • Ќе ја унапредиме соработката со меѓународните организации и мрежи – Европската унија, Советот на Европа, ОБСЕ, Обединетите нации, Репортери без граници (RSF), партнерите од MFRR и други – со цел заштитата на новинарките во регионот да биде усогласена со меѓународните стандарди и добри практики.

 

Со усвојувањето на оваа Декларација, ја потврдуваме нашата заедничка одговорност да создадеме безбедна, правична и поттикнувачка средина за новинарките низ Западен Балкан.

Заштитата на новинарките е заштита на самата демократија.