Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ), како дел од регионалната мрежа SafeJournalists, учествува на заедничка посета во Брисел, заедно со партнерските новинарски здруженија од Западен Балкан и Хрватска, во координација со Европската федерација на новинари (EFJ).

Во рамки на посетата се одржаа средби со членови на Европскиот парламент и со претставници на Европската комисија надлежни за слободата на изразување и медиумските политики. Исто така, беше одржана средба со еврокомесарката за проширување Марта Кос, на која Драган Секуловски, извршен директор на ЗНМ, ја претставуваше мрежата SafeJournalists.
„Обезбедување континуитет и проширување на регионалниот механизам за безбедност на новинари е клучно за медиумската слобода во Западен Балкан. Тој механизам овозможува навремено препознавање и документирање на заканите, кредибилни податоци и побрза реакција, а прекуграничните закани и родово специфичните ризици за новинарите продолжуваат да растат“, рече Секуловски.
SafeJournalists.net е регионална платформа и мрежа што ги следи и документира нападите и заканите кон новинарите, обезбедува рано предупредување, видливост и јасни информации за институциите и јавноста. Платформата е важна затоа што голем дел од заканите денес се случуваат онлајн, често се организирани и имаат ефект и надвор од една држава, па затоа е потребен заеднички регионален пристап.
