Поддршка и предлози од ЗНМ до новиот состав на Програмскиот совет на МРТ

Поддршка и предлози од ЗНМ до новиот состав на Програмскиот совет на МРТ

Во фокусот на денешната работна средба помеѓу Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) и дел од новиот состав на Програмскиот совет на МРТ беа неколку стратешки теми од суштинско значење за унапредување на работењето на јавниот радиодифузен сервис. Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски, ги претстави предлозите на Здружението кои се однесуваат на уредувачката и институционална независност, финансиската одржливост, регионалната покриеност и статусот на медиумските професионалци во МРТ.

Како еден од приоритетите беше истакната потребата од реформа на законската рамка, со цел да се обезбеди целосна автономија на јавниот сервис, заштита од политички и други надворешни влијанија, како и воспоставување механизми како етички омбудсман и засилена улога на Етичката комисија. Меѓу предлозите, како приоритетни и остварливи во блиска иднина, се издвојуваат:

–        Формирање на локални дописнички центри на МРТ, со цел овозможување на национално покривање, особено во руралните и помалку застапени средини;

–        Модернизација на техничката опрема, теренската логистика и капацитети;

–        Усогласување на дигиталното работење со новите трендови на професионално информирање.

Освен ова, се разговараше и за неопходноста од долгорочен инвестициски и развоен план што ќе придонесе кон новинарската независност и квалитетни услови за работа на снимателите, монтажерите и останатите медиумски професионалци.

На средбата присуствуваа тројцата новоизбрани членови на Програмскиот совет на МРТ кои добија поддршка од ЗНМ во фазата на избор во Собранието на РСМ: Давор Пашоски – претседател, Патриот Лумани – заменик-претседател и Марјан Велевски – член. Средбата заврши со заедничка подготвеност за конструктивна и редовна комуникација меѓу ЗНМ и Советот, во интерес на унапредување на јавниот сервис како професионален и независен медиум во служба на граѓаните.