Мрежата SafeJournalists ја осудува серијата закани упатени кон новинарите во Србија во изминатите неколку дена, како и очигледно организираната кампања за дискредитација на социјалната мрежа X против новинарката на телевизијата Н1, Ана Новаковиќ.
Откако српскиот претседател Александар Вучиќ го навреди новинарот на телевизијата Н1, Младен Саватовиќ, на прес-конференција пред три дена, преку социјалните мрежи и коментарите на информативните портали следеше бран закани насочени кон него. Новинарот најпрво бил заплашен од лице кое изјавило дека ќе го чека пред редакцијата, а наредниот ден се појавиле дополнителни закани на социјалните мрежи.
„…ни камерата нема да те спаси, усташо…“, „Ќе останеш без уши, предавничка смрдеа“, „…Навистина треба да те научат памет…“ се дел од пораките што новинарот ги добил во изминатите три дена.
Закани биле упатени и кон редакцијата на Н1 на социјалната мрежа X. Корисник со псевдоним „Patak“ споделил видео од полициска рација во редакцијата на порталот „Ura.ru“ во Екатеринбург, Русија, со порака: „Да можев вака да упаднам и во Н1.“
Во следните пораки, заедно со нови илустрации, се наведува: „Се треба да се изгори. Прво РТС…“, по што друг профил додава: „Не оди сам, има и од нас што со задоволство би ти правеле друштво.“
Авторите на емисијата „Добар, лош, зао“, Марко Видојковиќ и Ненад Кулачин, исто така во изминатите денови добиле серија закани. Најновата се појавила како коментар на Инстаграм-профилот на Асоцијацијата на независни електронски медиуми (АНЕМ), како реакција на соопштението на АНЕМ во врска со претходните закани кон Видојковиќ и Кулачин.
Овојпат, во коментар под објавата стоело: „Доста со заканите, ајде да преминеме на дела“, како и уште еден заканувачки коментар: „Ајде, тргнете ги. Провокатори, досадни.“
Новинарката Бранкица Станковиќ од телевизијата Инсајдер повторно се најде на мета на навивачки групи. Имено, во средата, на натпреварот Партизан – Виртус во Евролигата, повторно се слушале заканувачки скандирања насочени кон новинарката. Потсетуваме дека, врз основа на безбедносни проценки, Министерството за внатрешни работи на Србија претходно ѝ додели 24-часовна полициска заштита на Бранкица Станковиќ, која таа ја имаше со години. Нејзината безбедност беше загрозена поради серијалот „(Не)моќта на државата“, кој се занимаваше со хулиганските групи. Во последно време, скандирањата против Бранкица Станковиќ на натпреварите на Партизан станаа зачестени.
Покрај заканите, Мрежата SafeJournalists особено укажува и на организирана кампања за оцрнување на социјалната мрежа X насочена против новинарката на Н1, Ана Новаковиќ. По нејзиното известување за постапката што Обвинителството за организиран криминал ја покрена против министерот за култура Никола Селаковиќ, се појавиле голем број навредливи, сексистички и мизогини коментари, што јасно укажува на координирано таргетирање на новинарката поради нејзината професионална работа.
Членовите на Мрежата SafeJournalists се длабоко загрижени за состојбата во Србија, која ескалираше во изминатите неколку дена. Атмосферата на нетолеранција, навреди и закани кон независните новинари дополнително е поттикната од однесувањето на високите функционери кон медиумските работници, испраќајќи опасна порака и создавајќи средина во која насилството се нормализира.
Мрежата SafeJournalists ги повикува надлежните институции итно да реагираат на овој бран закани, да ги идентификуваат и гонат одговорните лица и да покажат дека активно работат на заштита на безбедноста на новинарите во Србија.
Мрежата, исто така, бара јавните функционери и носители на јавни функции да престанат со таргетирање, навредување и поттикнување кампањи против новинарите, и своите должности да ги извршуваат одговорно и во согласност со законите на Србија, наместо да ги злоупотребуваат своите позиции за пресметка со медиуми што известуваат во јавен интерес.
Мрежата SafeJournalists ќе ги информира релевантните национални и меѓународни чинители за овој случај.
Секој напад врз новинарите е напад врз демократијата, јавниот интерес и основните човекови права.
Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица – Тирана, 19 декември 2025 година
Здружение на новинарите на Хрватска
Здружение на новинарите на Косово
Здружение на новинарите на Македонија
Здружение на новинарите на Босна и Херцеговина
Независно здружение на новинарите на Србија
Синдикат на медиумите на Црна Гора