Мрежата SafeJournalists изразува загриженост поради информациите дека новинари и медиумски работници биле изложени на употреба на сила за време на известувањето од јавниот протест во Тирана, одржан на 24 јануари 2026 година.
Новинарите присутни на протестот ја извршувале својата професионална должност – да ја информираат јавноста. Употребата на солзавец, вода под висок притисок или други средства за контрола на толпа во подрачја каде што работеле медиумски работници, како што беше објавено во медиумите, ја довела во ризик нивната безбедност и ги поткопала слободата на изразување и правото на јавноста на информирање. Пријавените инциденти во медиумите, вклучително и наводното прскање на фоторепортерот Феликс Билани и употребата на вода под висок притисок врз новинарот Марси Кореши за време на извршување на неговите работни задачи, ги илустрираат пошироките ризици со кои се соочуваат новинарите при известување од јавни собири.
Мрежата SafeJournalists изразува солидарност со сите новинари, сниматели и фоторепортери кои биле засегнати додека ја извршувале својата работа.
Потсетуваме дека надлежните институции имаат примарна обврска да ги заштитат новинарите за време на јавни собири. Во тој контекст, нагласуваме дека Државната полиција има усвоено посебен протокол за безбедност на новинарите, вклучително и за време на протести, кој мора ефективно да се применува во пракса. Затоа, бараме брза и транспарентна реакција од Државната полиција во врска со настаните од 24 јануари, вклучувајќи појаснување дали протоколот бил почитуван, утврдување на евентуални пропусти и преземање мерки за спречување на слични инциденти во иднина.
Мрежата SafeJournalists потенцира дека медиумските организации и раководствата на редакциите имаат јасна одговорност за заштита на својот кадар. Испраќањето новинари да известуваат од високоризични протести без соодветна подготовка, проценка на ризик или заштитна опрема ги изложува на сериозна опасност. Редакциите мора да преземат конкретни мерки за обезбедување на безбедноста на новинарите, снимателите и фоторепортерите, вклучително и безбедносно планирање, соодветна опрема и јасна уредничка одговорност за управување со ризиците.
Мрежата SafeJournalists ќе ги информира релевантните национални и меѓународни чинители за овој случај.
Секој напад врз новинари е напад врз демократијата, јавниот интерес и основните човекови права.
Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица – Тирана, 26 јануари 2026 година
Здружение на новинари на Косово
Здружение на новинарите на Македонија
Здружение на новинарите на Хрватска
Здружение на новинари на БиХ
Независно здружение на новинари на Србија
Синдикат на медиумите на Црна Гора