SafeJournalists: Полицијата повторно не успеа да ги заштити новинарите за време на протестите во Србија – потребни се итни мерки од институциите и меѓународната заедница

SafeJournalists: Полицијата повторно не успеа да ги заштити новинарите за време на протестите во Србија – потребни се итни мерки од институциите и меѓународната заедница
photo: canva

Мрежата SafeJournalists остро ги осудува серијата закани, вознемирувања и напади врз новинари кои се случија во последните денови во Србија, особено за време на граѓанските протести одржани на 16 и 17 февруари во Нови Сад и Белград. Наместо да обезбедат безбедни услови за работа на медиумските професионалци и да ги заштитат граѓаните, полицијата повторно не успеа да реагира навремено и ефикасно на нападите, додека во Белград одредени полицајци ги туркаа, навредуваа и физички напаѓаа новинарите, користејќи највулгарен јазик.

Овие инциденти претставуваат сериозно кршење на слободата на медиумите и дополнително ја продлабочуваат климата на неказнивост која поттикнува нови напади. Мрежата SafeJournalists ги повикува домашните институции итно да постапат согласно законот, а меѓународните институции, пред се Европската Унија, да ги искористат сите достапни овластувања и механизми за заштита на демократијата, слободата на медиумите и слободата на изразување во Србија.

За време на вчерашните настани во Белград, неколку новинари беа физички оневозможени и спречени да известуваат од два организирани протести на студенти и граѓани пред Ушче Парк и Првиот основен суд во Нови Белград.

Фоторепортерот Гаврило Андриќ двапати беше спречен од полицијата додека се обидуваше да ги документира протестите. Полицајците прво го туркале без никакво објаснување додека снимаше и фотографираше настани во близина на паркот пред поранешниот Хотел Југославија, каде е планирана изградба на аквариум – иницијатива на која граѓаните се противат. Во тој момент, Андриќ јасно ја покажал својата новинарска акредитација.

Подоцна вечерта, додека Андриќ снимаше полициски акции за време на апсењето на демонстрантите, член на Жандармеријата го нападнал физички. Кога фоторепортерот се легитимирал, полицаецот се повлекол; но сепак, по барањето на Андриќ да ја покаже својата идентификација, полицаецот упатил навреди кон него. Нагласуваме дека снимките од протестот покажуваат полицајци како користат екстремно вулгарни навреди и пцовки за време на интервенциите и апсењето на граѓаните.

Новинар од медиумот Mašina исто така беше спречен и оневозможен од полицајци додека снимаше. Студентот фоторепортер Лука Пешиќ два пати бил прогонуван од полицајци навечер, додека новинарката од YouTube каналот Srbin Info Нада Гладовиќ и новинарот Дарко Симиќ биле задржани во кордон на полицајци од Бригадата додека се обидувале да снимат конфискација на моторцикли на граѓани по завршувањето на протестот.

Ден претходно, на протест во Нови Сад, новинарот Жарко Богосављевиќ беше нападнат пред Српскиот народен театар, каде се одбележуваше 200-годишнината на Матица српска. На видео кое кружи на социјалните мрежи, се слуша како Богосављевиќ неколку пати се претставува како новинар и нагласува дека е таму за да ја изврши својата работа, но тоа не го спречило напаѓачот, кој бил меѓу поддржувачите на владејачката Српска напредна партија, да го нападне.

Неколку други новинари од Reuters, Odjek и Storyteller биле во истата група и исто така биле туркани и изложени на агресија, но Богосављевиќ бил единствениот кој добил неколку удари. Особено алармантно е тоа што нападот се случил во присуство на полицијата, без навремена и ефективна реакција. На таа прилика, екипата на телевизијата N1 исто така била оневозможена.

Новинарот и активист од Revolt magazine Лазар Диниќ изјавил дека по протестот во Нови Сад добил серија заканувачки пораки и коментари во кои непознати лица му се заканувале дека „ќе го најдат“ и дека „ќе му го извадат срцето и ќе го сечат на парчиња“. Таквите пораки претставуваат директни закани по живот и мора да се процесуираат итно.

Дополнително, новинарката Дејана Цветковиќ, која известувала од протест во Сурдулица на 14 февруари, била изложена на сексистички навреди, предупредена дека одредени лица го имаат нејзиниот телефонски број, а нејзиниот профил бил споделен во проблематична Viber група во која биле објавувани повици за линчување. Сексистичкото насочување, споделувањето на лични податоци и повиците за насилство претставуваат сериозни форми на притисок и загрозување, особено кога вклучуваат елементи на дигитално насилство и доксинг.

Мрежата SafeJournalists бара Министерството за внатрешни работи на Република Србија (МВР) итно да спроведе внатрешен преглед и да ја утврди одговорноста на полицајците кои не успеале да ги заштитат новинарите на терен, како и на оние кои учествувале во туркање, навредување и оневозможување на новинари, и јавноста да биде информирана за резултатите.

Дополнително, бараме МВР без одлагање да воспостави јасни оперативни процедури за однесување на полицијата кон медиумските работници на јавни собири, вклучително и обврската активно да спречува напади врз новинари и да обезбедува безбедни работни зони, почитувајќи ја улогата на новинарите кои работат во јавен интерес.

Очекуваме надлежните јавни обвинителства, вклучително и Специјалното одделение за високотехнолошки криминал, итно да ги идентификуваат и процесуираат извршителите на закани и онлајн вознемирувања, особено во случаи кои вклучуваат закани со смрт, повици за линчување и споделување на лични податоци, како и да обезбедат ефективно собирање на докази (видеоснимки, дигитални траги, идентификација на профили и администратори на групи).

Очекуваме Владата на Република Србија и највисоките државни функционери јавно и недвосмислено да ги осудат нападите врз новинарите, без релативизирање, и да испратат јасна порака дека новинарите се заштитени со закон и дека нападот врз нив претставува напад врз јавниот интерес.

Мрежата SafeJournalists ги повикува и меѓународните институции, пред сè Европската Унија, Советот на Европа, ОБСЕ/ОДИХР и претставниците на меѓународната заедница во Србија, јавно и јасно да ги осудат нападите и заканите врз новинарите и да побараат брзи и транспарентни истраги и процесуирање на извршителите.

Очекуваме тие да инсистираат дека напредокот во областите на владеење на правото и темелните права (вклучително и слободата на медиумите) се оценува преку конкретни резултати: број на решени случаи, конечни пресуди и докажана институционална одговорност. Потребно е исто така да се зајакне мониторингот и да се побара српските власти да обезбедат средина во која медиумите можат да работат без страв, закани или насилство, особено за време на протести и настани од висок јавен интерес.

Мрежата SafeJournalists потсетува дека нападите врз новинари, особено во присуство на полицијата и без каква било институционална реакција, се алармантен сигнал за ерозија на стандардите за заштита на темелните права и слободи. Новинарите мора да можат безбедно да известуваат од јавни собири, а институциите се обврзани да ги заштитуваат, а не да ги оневозможуваат.

Мрежата SafeJournalists ќе продолжи да ги документира сите случаи на напади и притисок врз новинарите и да ги информира домашните и меѓународните чинители, истовремено инсистирајќи на одговорност и запирање на неказнивоста.

Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица – Тирана, 18 февруари 2026 година

Здружение на новинари на Хрватска
Здружение на новинари на Косово
Здружение на новинари на Македонија
Здружение на новинари на Босна и Херцеговина
Независно здружение на новинари на Србија
Синдикат на медиумите на Црна Гора