СКОПЈЕ 13.07.2017 – Во понеделник и вторник во Сараево се одржа Шестиот Форум на цивилното општество од земјите на Западен Балкан, организиран од Европскиот економски и социјален комитет, на кој се разговараше за најголемите предизвици со кои се соочуваат балканските земји, како што е слободата на говорот, евроинтеграцијата, улогата на социјалните партнери и на цивилното општество во промоција на одржлив развој и вработување, како и за миграцијата и правата на жените.
На Форумот присуствуваше и претседателот на Здружението на новинарите на Македонија, Насер Селмани, кој на панелот посветен на слободата на говорот зборуваше за улогата на невладиниот сектор во промоција на слободата на медиумите и начинот на решавање на најгорливите проблеми.
Селмани рече дека невладините организации треба да ја кренат свесноста на граѓаните дека слободата на говорот е елементарно човеково право загарантирано со домашното и меѓународното право. „Граѓаните треба да разберат дека имаат право слободно да ги изразат нивните размислувања, без вмешување на властите, но при тоа почитувајќи ги правата и слободите на другите граѓани“, рече Селмани и додаде дека невладините организации треба да ги осудат и да ги документираат сите прекршувања на слободата на говорот.
Според него, најголемите причини за непочитувањето на слободата на говорот во земјите од Западен Балкан се отсуството на демократска традиција, неуспехот да се изградат одговорни политички елити, кои веруваат во демократските вредности и водат сметка за интересите на нивните земји и граѓани.
„Политичките системи на Балканот не се демократски, туку хибридни демократии. Јас ги нарекувам советски демократии, кои како модел ја имаат Русија на Путин“, рече Селмани и додаде дека комунизмот падна, но останаа авторитарните практики на владеење.
Зборувајќи за решавање на проблемите со слободата на говорот во земјите на Балканот, Селмани рече дека властите мора јавно да го осудат насилството против новинарите и да ги исполнат нивните законски обврски да ги казнат насилниците. Тој побара да престане вмешувањето на властите во финансирањето на приватните медиуми бидејќи со тоа се отвара можноста владите да ги контролираат медиумите.
Освен тоа, тој предложи зајакнување на јавните радиодифузни сервиси, охрабрување на судиите и обвинителите да ја применат праксата на Европскиот суд за човекови права како и побара зголемување на транспарентноста на институциите и зајакнување на само-регулацијата во медиумите.
На крајот на Форумот беше усвоена и декларација, во која уште еднаш беа реафирмирани основните демократски начела, како што се почитување на основните човекови права и слободи и владеењето на правото. Целосниот текст на Декларацијата можете да го најдете на овој линк: http://www.eesc.europa.eu/?i=portal.en.events-and-activities-6th-western-balkans–declaration