СКОПЈЕ, 22.10.2019 – Здружението на новинарите на Македонија во соработка со Alfred Friendly Press Partners го завршија проектот со кој се заокружи циклусот од пет работилници за обучување на млади новинари. Овие работилници беа одржани во текот на последните шест месеци во рамки на проектот што беше поддржан од Амбасадата на САД во Северна Македонија. Главна цел на проектот беше да се подобрат новинарските вештини на група млади новинари.
Преку работилниците беа вклучени 15 млади новинари од земјата, кои од медиумски експерти од земјава и од САД, учеа како да се служат со најсовремените алатки за креирање на новинарски содржини. Освен тоа, беа обработени и теми како што се: новинарството базирано на податоци, мобилно новинарство, продукција на аудио и видео материјали, ефективно презентриање на вестите и слично.
По завршувањето на работилниците, претседателот на ЗНМ им порача на младите новинари дека очекува во иднина тие да ги применуваат стекнатите вештини и да работат секогаш во интерес на јавноста. „Се надевам дека младите колеги кои успешно ги поминаа петте работилници ќе дадат позитивен пример за тоа како треба да работат и известуваат новинарите во Република Северна Македонија, а со самото тоа ќе добиеме подобро информирана публика и јавност“, истакна Чадиковски.
Во прилог можете да го погледнете промотивното видео кое беше изработено по повод завршување на овој проект.