SafeJournalists: Напади, приведувања и забранет пристап – сè поголем притисок врз новинарите во Србија

SafeJournalists: Напади, приведувања и забранет пристап – сè поголем притисок врз новинарите во Србија
photo: canva

Мрежата SafeJournalists најостро осудува низа инциденти во кои новинари и сниматели што известувале во јавен интерес беа цел на напади за време и по одржувањето на „Свенародниот собир“ организиран од Српската напредна партија (СНС) во Ниш.

Новинарката Ивана Марковиќ и снимателот Дејан Марковиќ од Нова ТВ, како и Тамара Радовановиќ од Јужне вести, беа физички и вербално нападнати. Дополнително, Никола Додеровиќ, дописник на австралиското СБС Радио и докторанд на Филозофскиот факултет во Ниш, беше приведен без никаква законска основа додека известувал од настанот заедно со колешка.

Ден пред централниот собир, снимателот на Н1 ТВ Марјан Вучетиќ беше физички нападнат во селото Маковиште додека се обидувал да снима настан на кој присуствувал претседателот на СНС, Милош Вучевиќ. Според Вучетиќ, нападот го започнал локален општински функционер, во присуство на Вучевиќ.

Ивана и Дејан Марковиќ беа нападнати во центарот на градот од двајца мажи кои ги навредувале, туркале и им викале преку мегафон да си заминат. Тамара Радовановиќ беше нападната додека снимала автобуси кои превезувале поддржувачи на СНС. Напаѓачот се обидел да ѝ го одземе телефонот, а наместо да ја заштити, полицијата ја оддалечила од местото на настанот — наводно за да се „намали тензијата“ — без да преземе мерки против напаѓачот. Овој инцидент претставува уште еден неуспех на полицијата во заштитата на новинарите, со што се охрабруваат понатамошни напади без последици.

Особено загрижува фактот што независни новинари не добиле пристап до оградениот простор на централниот настан, бидејќи акредитации, наводно, добиле само медиуми блиски до владејачката партија. Ова претставува дискриминација и онеможување на медиумите да известуваат од јавен собир.

Дополнителна загриженост предизвикува приведувањето на Никола Додеровиќ и неговата колешка, кои биле задржани и испрашувани од страна на полицијата за нивните мотиви за известување, повторно без никаква законска основа — чин што претставува јасен облик на заплашување.

Мрежата SafeJournalists бара итна и ефикасна реакција од полицијата и обвинителството, вклучително и идентификација и гонење на сите напаѓачи. Го повикуваме и Министерството за внатрешни работи да стави крај на праксата на неосновани приведувања на новинари, да обезбеди нивна безбедност на теренот и да им овозможи слободно известување од протести и други јавни настани. Неопходно е властите да даваат јасни објаснувања за секој случај на приведување без законски основ. Полицијата мора да престане со неадекватни реакции при напади врз новинари и да постапува согласно професионалните стандарди и законите на Република Србија.

Нападите врз новинарите се напади врз слободата на изразување и правото на јавноста да биде информирана. Секоја толеранција на насилство врз медиумите дополнително ја разнишува и онака кревката демократија во Србија и ја претвора стравот во „ново нормално“ за новинарите кои професионално ја извршуваат својата работа. Потсетуваме дека државата е должна да обезбеди безбедна околина за медиумските работници.

Мрежата SafeJournalists ги повикува меѓународните организации и партнери внимателно да ја следат ситуацијата и да извршат дополнителен притисок врз српските институции за да се гарантира безбедноста на новинарите и почитување на нивните права.

Мрежата SafeJournalists ќе ги информира националните и меѓународните чинители за овие вознемирувачки случувања и ќе продолжи внимателно да ја следи состојбата.

Секој напад врз новинарите е напад врз демократијата, јавниот интерес и основните човекови права.

Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица, 19 мај 2025

Здружение на новинарите на Косово

Здружение на новинарите на Македонија

Здружение на новинарите на БиХ

Хрватско новинарско друштво

Независно здружение на новинари на Србија

Синдикат на медиумите на Црна Гора