Мрежата SafeJournalists најостро ги осудува притисоците и бруталните навреди упатени од Милан Ковач, градоначалник на Шипово и истакнат член на политичката партија Сојуз на независни социјалдемократи (СНСД), кон новинарката Бојана Нинковиќ и главниот и одговорен уредник на порталот Капитал од Бања Лука, Синиша Вукелиќ.
Заканите и навредите следеле по телефонскиот повик на новинарката Бојана Нинковиќ до градоначалникот Милан Ковач за да побара негов коментар за истражувачка сторија поврзана со бизнисот на неговата приватна компанија. Градоначалникот Ковач ги нарекол новинарите на Капитал со навредливи зборови, им пцуел мајка и на примитивен и неприфатлив начин се обидел да ја доведе во прашање нивната намера да го вклучат неговиот став и коментар во истражувачката приказна. Пцостите и навредите продолжиле низ целиот разговор, иако новинарката неколку пати го информирала дека разговорот се снима и дека ќе биде објавен.
Управниот одбор на Здружението на новинари на БиХ (BHJA) дава целосна поддршка на новинарката Бојана Нинковиќ и уредникот Синиша Вукелиќ, и ги охрабрува да ги преземат сите законски мерки со цел конечно санкционирање на неприфатливата, примитивна и мизогинистичка комуникација на градоначалникот Ковач со новинарите од порталот Капитал и другите истражувачки медиуми во БиХ.
Мрежата SafeJournalists ги оценува постапките на градоначалникот Милан Ковач како неприфатливо кршење на слободата на изразување, безбедноста и достоинствената работа на новинарите, како и како непримерно демонстрирање на политичка моќ врз медиумските работници. Исто така, мрежата го препознава овој случај како типичен мизогинистички и политички напад врз новинарка со елементи на родово базирано насилство, што градоначалникот Ковач претходно го демонстрирал и во комуникацијата со други новинарки, за што предупредија и колегите од BH Journalists.
Мрежата SafeJournalists се приклучува на својот член BHJA во поддршката за новинарите на порталот Капитал и нивната намера да поднесат тужби и да преземат други правни чекори пред институциите надлежни за заштита на слободата на изразување и спречување на сите форми на родово базирано насилство врз медиумските работници.
Мрежата SafeJournalists ќе ги информира надлежните национални и меѓународни чинители за овој случај.
Секој напад врз новинарите претставува напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.
Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица, 05.04.2024
Здружение на новинари на Косово
Здружение на новинари на Македонија
Здружение на новинари на БиХ
Хрватско новинарско друштво
Независно здружение на новинари на Србија
Синдикат на медиуми на Црна Гора