Мрежата за брз одговор за медиумските слободи (Media Freedom Rapid Response – MFRR) и Мрежата SafeJournalists – SJN денеска изразуваат сериозна загриженост поради бројните случаи на заплашување и попречување со кои се соочија новинарите кои известуваа за парламентарните избори во Албанија. Од изборите одржани на 11 мај, најмалку 20 новинари и медиуми биле изложени на притисоци и попречување при известување, вклучително и од страна на јавни функционери. Сите инциденти се документирани на повеќе видеа.
Во текот на изборниот ден, најмалку пет новинари кои известуваа за изборите доживеале сериозни инциденти низ целата земја, вклучително вербална злоупотреба, физичка агресија и мешање во нивното известување. Инцидентите документирани од MFRR и SJN тој ден вклучуваат физички напад врз новинарот Армандо Раби во Ѓирокастра, присилно бришење на снимени материјали од телефонот на Ериса Џиндоле во Поградец, како и насилен судир со новинарската екипа на Syri TV предводена од Амброзија Мета, од страна на пратеникот на Социјалистичката партија, Ерион Браче, за време на директен пренос од неофицијална изборна канцеларија во Тирана.
Новинарите, исто така, се соочиле со произволни ограничувања од страна на службеници на избирачките места, спротивно на Изборниот законик на Албанија. Акредитирани новинарски набљудувачи во Драч наводно биле спречени да го документираат гласањето, додека во Саранда, новинарот на Euronews Albania, Енрико Габа, бил ограничен на само 15 минути снимање, што исто така е спротивно на официјалните правила кои дозволуваат пристап на медиумските работници. Габа претходно бил попречуван од избрани претставници и за време на локалните избори во август 2024 година.
Во контекст на избори, јавните функционери имаат особена обврска да обезбедат транспарентни изборни процеси, овозможувајќи им на новинарите да ги надгледуваат кампањите, процедурите на гласање и броењето на гласовите без пречки и насилство. Овие инциденти предизвикуваат загриженост за состојбата со слободата на медиумите и протокот на информации во Албанија, при што властите не успеваат да обезбедат средина за фер и избалансирано известување и транспарентност во текот на изборниот процес.
По објавувањето на резултатите од изборите, пријавени се и други инциденти поврзани со претставници на опозициската Демократска партија на Албанија (DP). Најмалку 10 случаи на вербални напади се документирани додека новинарите известувале за поразот на партијата. Меѓу нив, генералниот секретар на Демократската партија, Фламур Нока, повеќепати ги дискредитирал и одбивал прашањата на новинарите од Report TV и A2 CNN. За време на протестот на Демократската партија организиран на 16 мај, со кој беше изразен протест против наводна изборна измама, новинарката на Euronews, Сара Демуши, била физички нападната кога партискиот функционер Еди Палока ѝ ја одзел акредитацијата за паралелниот Самит на Европската политичка заедница. Овој физички напад, заедно со навреди и попречување на снимањето од страна на други партиски претставници, поттикнале непријателство кај присутните поддржувачи на Демократската партија, што принудило дел од новинарите, вклучително и Демуши, да ја напуштат локацијата поради загриженост за нивната безбедност.
Затоа, MFRR и SJN ги повикуваат албанските власти да обезбедат итни, темелни и независни истраги за сите пријавени случаи на насилство, заплашување и попречување на новинари од страна на јавни функционери и приватни лица.
Во светло на изборите, MFRR и SJN ја повикуваат повторно избраната влада на Социјалистичката партија да преземе конкретни чекори за зајакнување на медиумските слободи во Албанија, а сите политички партии да се воздржат од мешање во новинарската работа и јавно да ги осудат сите форми на непријателство кон медиумите.
Потпишано од:
-
Media Freedom Rapid Response (MFRR)
-
Европска федерација на новинари (EFJ)
-
Free Press Unlimited (FPU)
-
Меѓународен институт за печат (IPI)
-
Osservatorio Balcani Caucaso Transeuropa (OBCT)
-
Европски центар за слобода на печат и медиуми (ECPMF)
Мрежа на безбедни новинари (SJN)
-
Здружение на новинарите на Косово
-
Здружение на новинарите на Македонија
-
Здружение на новинари на БиХ
-
Хрватско здружение на новинари
-
Независно здружение на новинари на Србија
-
Синдикат на медиуми на Црна Гора