Мрежата SafeJournalists остро ја осудува одлуката на Советот за национални малцинства на Република Хрватска, со која средствата за независниот српски неделник „Новости“ се намалени за 35 проценти во однос на минатата година. Оваа одлука претставува загрижувачко продолжение на притисоците врз „Новости“, кои со месеци се соочуваат со закани и политички напади, пред сè од партијата Домовински покрет.
Особено загрижува фактот што Домовински покрет, во повеќе наврати – вклучително и со јавни изјави за време на изборната кампања и на насловните страници на најтиражните медиуми – најавуваше намалување или целосно укинување на финансирањето за „Новости“. Оваа одлука на Советот сега изгледа како остварување на политичкиот притисок, дополнително поткопувајќи ја довербата во независноста и автономијата на институциите кои треба да ги штитат правата на малцинствата, а не да спроведуваат политички агенди.
Одлуката на Советот за национални малцинства, донесена спротивно на досегашната практика и без јасна правна основа, ја открива длабоката политизација на едно тело што треба да ги штити правата на националните малцинства, а не да ги поткопува. Особено алармантно е што „Новости“ е единствениот малцински медиум на кој му е намалено финансирањето, што ја прави оваа одлука не само селективна, туку и дискриминаторска – особено поради нејасните критериуми, иако уредувачката политика на „Новости“ не е променета, а токму таа сега одеднаш станува причина за драстично намалување на поддршката.
Обидите да се ограничи работата на „Новости“ поради политичка содржина која не им се допаѓа на одредени политички актери претставуваат опасна форма на политичка цензура и директно ги кршат уставните права на националните малцинства, како и медиумската слобода. Слободата на изразување го вклучува правото на сите медиуми, вклучително и на малцинските, слободно и без страв да известуваат за сите теми од јавен интерес.
Мрежата SafeJournalists ја повикува Владата на Република Хрватска и сите релевантни институции итно да ја преиспитаат оваа дискриминаторска одлука и да ги заштитат правата на медиумите и новинарите од политички притисоци. Исто така, го повикуваме Советот за национални малцинства да го почитува сопствениот мандат и стандардите, и со своите постапки да не придонесува кон уривање на малцинските и медиумските права.
Секоја закана за слободно и независно новинарство е закана за демократијата, јавниот интерес и правата на сите граѓани. Нема да толерираме притисоци врз нашите колеги, ниту ќе молчиме пред институционализирана дискриминација.
Мрежата SafeJournalists ќе ги информира сите релевантни меѓународни организации и заинтересирани страни за овој случај.
Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица, 25 април 2025
Здружение на новинари на Косово
Здружение на новинари на Македонија
Здружение на новинари на Босна и Херцеговина
Хрватско новинарско друштво
Независно здружение на новинари на Србија
Синдикат на медиумите на Црна Гора