SafeJournalists: Жени новинари на Западен Балкан често се цел на закани, сексистички навреди и коментари на интернет

SafeJournalists: Жени новинари на Западен Балкан често се цел на закани, сексистички навреди и коментари на интернет
photo: SafeJournalists

На Меѓународниот ден на жената, 8 март, мрежата SafeJournalists потсетува дека положбата на жените новинари на Западен Балкан не се променила значително во споредба со претходната година. Најчестите напади се случуваат на интернет, особено на социјалните мрежи, каде што жените новинари не само што се изложени на бројни навреди засновани на нивниот пол, туку и на директни закани. Сексистичките навреди, мизогини коментари и долготрајни таргетирани кампањи против жени новинари се присутни во сите земји на Западен Балкан. Искусството покажува дека најдобрата одбрана и понатаму е јавното обелоденување на заканите и поддршката од редакциите, здруженијата на новинари и општеството.

Здружението на новинари на Косово го основа и Мрежата на новинари на Косово со цел зајакнување на поддршката и застапувањето за подобра заштита на жените новинари.

Иако жените сочинуваат мнозинство во медиумската индустрија, тие и понатаму се соочуваат со неповолни услови, пониски плати и недостаток на институционална поддршка при справување со родово засновано насилство и притисоци на работното место. Многу од нив се борат да ги ускладат напорните кариери со семејните обврски.

Хрватска и обврската за еднаква плата

Хрватска има можност да ја подобри положбата на новинарите – до средината на 2026 година е обврзана да ја спроведе Директивата (ЕУ) 2023/970 за зајакнување на принципот на еднаква плата за еднаква работа или работа од еднаква вредност меѓу мажите и жените преку транспарентност на платите и механизми за спроведување.

Надвор од системот на соодветна заштита се наоѓаат фриленс новинарките кои сè уште немаат пристап до одредени права, како што е породилното отсуство, поради отсуство на работен договор.

Следење и анализа на прекршувања на правата на жените новинари

Мрежата SafeJournalists останува посветена на следење, анализирање и известување за прекршувањата на правата на жените новинари за да ја заштити нивната безбедност. Во рамките на мрежата се спроведува регионално истражување – Анализа на прекршувањата на правата на жените новинари и медиумски работнички, чија цел е собирање релевантни податоци и подготовка на извештај за квалитативна анализа. Извештаите ќе содржат и преглед на распространетоста на родово заснованото насилство во секоја земја, како и влијанијата врз жените новинари, со посебен фокус на технологиите што го олеснуваат насилството, улогата на медиумските работодавци, механизмите за заштита и ефикасноста на институциите.

Жени новинари во Албанија

Во Албанија, жените новинари се изложени на ризици по безбедноста, особено во форма на родово засновано вознемирување, онлајн злоупотреба и таргетирани кампањи на оцрнување. Често се соочуваат со сексистички напади, заплашувања и закани поради известување за чувствителни теми како што се корупцијата, организираниот криминал и родовите права.

Ситуацијата во Босна и Херцеговина

Во Босна и Херцеговина, бројот на жени новинари кои доживеале родово засновано насилство или закани се зголемил во споредба со претходните години. Онлајн насилството не е препознаено во законите и е една од најчестите форми на насилство. Правниот систем е бавен, а процесите за гонење на напаѓачите траат долго, што доведува до недоволно пријавување на нападите.

Жени новинари во Хрватска

Иако од почетокот на 2025 година има намалување на нападите врз жените новинари, ситуацијата останува незадоволителна. Заканите упатени кон жените се посериозни во однос на оние кон мажите. Родовиот јаз во платите е сè уште присутен, а фриленсерките се особено ранливи поради недостиг на социјална заштита.

Поголеми ризици за новинарките во Косово

Во Косово, положбата на жените новинари се влошува, а ризиците што ги преземаат при известувањето се зголемуваат. Затоа е клучно тие да ги пријавуваат заканите, за институциите да можат да им обезбедат заштита.

Ситуацијата во Црна Гора

Жените во медиумите во Црна Гора сè уште се изложени на насилство, дискриминација и професионална несигурност. Иако имаат поголемо присуство во медиумската индустрија, тие сè уште имаат помали шанси за напредок, пониски плати и недоволна институционална поддршка.

Предизвици за новинарките во Северна Македонија

Жените новинари во Северна Македонија се соочуваат со бројни предизвици, вклучувајќи политички притисоци и закани при известување за корупција и човекови права. Онлајн платформите се користат за агресивни напади, што го отежнува нивното следење и санкционирање. И покрај напорите за зајакнување на безбедноста на медиумските работници, политичките влијанија продолжуваат да играат значајна улога во генерирањето притисок врз жените новинари.

Сериозни напади врз новинарките во Србија

Жените новинари во Србија се подложени на потешки форми на напади и притисоци во споредба со нивните машки колеги. Повеќето напади се случуваат на интернет, каде што се изложени на долготрајно прогонување. Институциите често не ги препознаваат овие напади или не нудат соодветна заштита. На телевизиите со национална фреквенција се оправдува и поттикнува насилството врз жените, што дополнително го влошува јавниот наратив.

Повик за поголема безбедност на жените новинари

Слободни и независни медиуми не можат да постојат без родова еднаквост и безбедност за сите медиумски професионалци. Мрежата SafeJournalists ги повикува сите надлежни институции, медиумски организации и носители на јавни политики да преземат конкретни мерки за подобрување на безбедноста и условите за работа на жените новинари.

Посетете ја онлајн изложбата „Жени новинари на првата линија“:
https://women.safejournalists.net/