Мрежата SafeJournalists изразува длабока загриженост поради неодамнешните изјави на генералниот директор на полицијата Мухамет Ррумбулаку во врска со медиумското известување за трагичната смрт на еден граѓанин во градот Поградец, по што семејството изрази загриженост за доцнењето на пристигнувањето на брзата помош и реакцијата на полицијата, што доведе до обвинувања за нецелосна истрага. Новинарите известуваа за овие загрижености, вршејќи притисок врз властите да реагираат. На 14 август 2024 година, Ррумбулаку ги обвини новинарите дека шират „измислици и гнасни обвинувања“ против Државната полиција, нарекувајќи ги нивните извештаи „намерна дезинформација“. Тој најави дека Државната полиција ќе преземе правни дејства против поединечни новинари и корисници на социјалните мрежи.
Мрежата SafeJournalists смета дека заканата за кривични пријави против новинари и корисници на социјалните мрежи поради наводно ширење дезинформации претставува пречекорување на полициските овластувања и ја замаглува неопходната поделба меѓу органите на прогонот и судските функции. Криминализирањето на новинарското известување е во спротивност со принципите и уставните гаранции за слобода на говор и медиумска слобода. Овој обид може да го задуши независното новинарство и да ја поткопа улогата на медиумите како чувар на власта и јавните институции.
Изјавите на Ррумбулаку вклучуваат и загрижувачка констатација дека само официјалната верзија на настанот од страна на полицијата треба да се смета за веродостојна, со што се доведува во прашање суштинската должност на новинарите да ја проверуваат информацијата од различни извори. Оваа позиција, поддржана и од премиерот Еди Рама, претставува закана за критичката улога на медиумите во држењето на институциите одговорни и обезбедувањето на јавноста со целосно разбирање на настаните. Во медиумски пејзаж каков што е во Албанија, каде што јавните функционери често дистрибуираат однапред подготвени материјали (аудио, видео и текст) до медиумите, а новинарите имаат ограничен пристап до првични извори, тврдењето дека само официјалните наративи се веродостојни е особено загрижувачко.
Оваа ситуација претставува сериозна закана за медиумската слобода во Албанија, со потенцијал да доведе до автоцензура и ослабување на независните медиуми. Мрежата SafeJournalists ја повикува Државната полиција веднаш да ги повлече заканите и да престане со заплашување на новинарите и корисниците на социјалните мрежи кои известуваат за прашања од јавен интерес. Нагласуваме дека мора да се почитува суштинската улога на новинарите во проверката на информациите од различни извори и независното информирање на јавноста. Дополнително, повикуваме на почитување на судските процедури за справување со наводна дезинформација, во согласност со стандардите на Советот на Европа и ЕУ.
Мрежата SafeJournalists стои во солидарност со новинарската заедница во Албанија и ги повикува сите засегнати страни, вклучително и националните и меѓународните власти, да ја заштитат медиумската слобода и да обезбедат новинарите да можат да работат независно, без страв од правна одмазда.
Мрежата SafeJournalists ќе продолжи внимателно да ја следи оваа ситуација и ќе се залага за заштита на правата на новинарите и медиумската слобода во Албанија и пошироко.
Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица, 15 август 2024
Здружение на новинари на Косово
Здружение на новинари на Македонија
Здружение на новинари на БиХ
Хрватско здружение на новинари
Независно здружение на новинари на Србија
Синдикат на медиуми на Црна Гора