Мрежата SafeJournalists изразува целосна поддршка за нашите колеги од Нова ТВ, кои вчера беа жртви на брутален напад во општина Марина во Хрватска. Мрежата остро го осудува овој чин на насилство и повикува на итно откривање и гонење на сите инволвирани во овој вознемирувачки напад врз новинарите.
Инцидентот се случил по прилог емитуван во неделата вечерта во рамки на сегментот „Позив“, кој откри нелегални гробишта изградени на приватно земјиште, иако сопственикот тврдел дека не дал дозвола. За време на снимањето на прилогот, бизнисменот Маријан Угрина им се обратил на новинарите со заканувачки тон, барајќи да ги исклучат камерите, велејќи: „Исклучи ја камерата, ќе ти ја скршам камерата“, додека градоначалникот на општината Анте Мамут одбил да разговара со новинарите, давајќи нејасно образложение дека не се чувствува добро. Истиот ден, полицијата го приведе Анте Мамут во врска со случајот со нелегалните гробишта.
Ден по емитувањето на прилогот, Државниот инспекторат нареди затворање на нелегалните гробишта. Ситуацијата ескалирала вчера, во понеделник на 4 мај, кога новинарката Теа Јоман Нитрај, заедно со снимателите Кристијан Јантон и Томислав Сладиќ, се обиделе да известуваат во живо од локацијата.
Според информациите споделени од Нитрај, во еден момент се појавиле околу петнаесет лица кои тргнале кон неа, додека двајцата сниматели се обиделе да ја заштитат. Напаѓачите насилно им ги одзеле камерите и физички ги оттурнале новинарите и репортерката во возилото на екипата.
Ваквите акти на насилство претставуваат сериозен напад врз слободата на медиумите и безбедноста на новинарите. Мрежата SafeJournalists ги повикува надлежните институции да обезбедат темелна истрага и да испратат јасна порака дека насилството врз новинарите нема да биде толерирано.
Мрежата SafeJournalists ќе продолжи внимателно да го следи овој случај.
Секој напад врз новинарите е напад врз демократијата, јавниот интерес и основните човекови права.
Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица – Тирана, 5 мај 2026
Здружение на новинари на Хрватска
Здружение на новинарите на Косово
Здружение на новинарите на Македонија
Здружение на новинарите на БиХ
Независно здружение на новинарите на Србија
Синдикат на медиумите на Црна Гора