SafeJournalists: Притворањето на Дејан Илиќ во Србија претставува повреда на правото на слобода на мислење и изразување

SafeJournalists: Притворањето на Дејан Илиќ во Србија претставува повреда на правото на слобода на мислење и изразување

Мрежата SafeJournalists најостро го осудува притворањето на колумнистот на Пешчаник, Дејан Илиќ, поради јавно изразено мислење. Оваа реакција на обвинителството претставува сериозен преседан и опасна порака за слободата на изразување во Србија.

Колумнистот на Пешчаник, Дејан Илиќ, денеска беше притворен по наредба на Третото основно јавно обвинителство во Белград, поради наводна изјава дека „предизвикал паника и неред“ во емисијата „Покрени се“ која се емитува на телевизијата Нова, и му беше изречен притвор во траење од 48 часа.

Илиќ изјави за медиумите порано денеска дека полицијата го барала синоќа, дека го повикале по телефон и му рекле да се јави во полициска станица, но дека не му било објаснето зошто е повикан.

Третото основно јавно обвинителство во Белград соопшти дека ја донело одлуката за притвор на колумнистот на Пешчаник, бидејќи тој во емисијата „Покрени се“, емитувана на „Нова“ на 29 март, изјавил: „Мора да одберете – или ќе им ги отворите вратите на тие луѓе за да се засолнат, а преодната влада е таа што ги отвора вратите, или ќе ја прифатите реалноста дека ќе тече крв по улиците, дека ќе изгубиме не знам колку животи и не знаеме чии животи, за да се ослободиме од нив.“

Независното здружение на новинари на Србија (НУНС) соопшти дека кривично гонење поради изречена политичка оценка или прогноза за можни последици од општествени и политички процеси е незаконско според домашните и меѓународните норми што ја гарантираат слободата на мислење и изразување.

НУНС потсетува дека неделата пред големиот протест во Белград, на 15 март, претседателот на Србија, Александар Вучиќ, секојдневно најавуваше дека се подготвува големо насилство, но потоа не беше повикан од полицијата или обвинителството да ги објасни своите сознанија и предвидувања.

Мрежата SafeJournalists го осудува политички мотивираното гонење на Дејан Илиќ и заплашувањето на новинари и сите актери што јавно го изразуваат своето мислење, како и селективното постапување на обвинителството и полицијата. Го повикуваме Обвинителството да ја преиспита одлуката, имајќи предвид дека Дејан Илиќ во својот настап не изнел тврдења, како што се пренесува, туку само свое мислење за актуелната општествено-политичка криза во Србија.

Мрежата SafeJournalists ќе ги информира националните и меѓународните чинители за овие загрижувачки случувања.

Секој напад врз новинари е напад врз демократијата, јавниот интерес и основните човекови права.

Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица, 10.04.2025

Здружение на новинари на Косово

Здружение на новинари на Македонија

Здружение на новинари на БиХ

Хрватско здружение на новинари

Независно здружение на новинари на Србија

Синдикат на медиуми на Црна Гора