SafeJournalists: Жените новинарки на Западен Балкан сè уште работат под притисок и закани

SafeJournalists: Жените новинарки на Западен Балкан сè уште работат под притисок и закани

По повод Меѓународниот ден на жената, Мрежата SafeJournalists укажува дека положбата на жените новинарки на Западен Балкан останува тешка. Иако жените новинарки обично работат под слични услови како и нивните машки колеги, се чини дека сè уште постои родова разлика и дека на некои позиции во медиумскиот сектор жените новинарки сè уште заработуваат помалку од нивните машки колеги, а има и помалку жени на раководни позиции во медиумите. Често жените новинарки немаат соодветни договори за вработување и затоа не можат да ги остварат своите права на здравствена заштита.

Жените во медиумите се изложени и на навреди и закани на социјалните мрежи, често сексистички и базирани на родови стереотипи, што влијае на нивната лична и професионална репутација, а овие притисоци често остануваат нејавени.

Иако жените новинарки во Албанија продолжуваат да пријавуваат сексуално вознемирување, онлајн насилство и кампањи на оцрнување како најчести форми на родово базиран притисок со кои се соочуваат, некои случаи сè уште остануваат нејавени бидејќи многу жени новинарки сметаат дека нивните пријави нема да бидат сфатени сериозно или дека ќе се соочат со одмазда за изнесување на проблемите. Покрај тоа, расте загриженоста за родовата дезинформација и онлајн насилството врз жените новинарки.

Жените новинарки во Албанија пријавуваат дека добиваат голем број мизогинистички и заканувачки коментари на социјалните мрежи, при што некои коментари се експлицитно насилни или сексуални по природа. Овој тип на вознемирување и дезинформации на интернет им штети на кариерите на жените бидејќи може да ги одврати од следење на одредени приказни или преземање одредени улоги во медиумската индустрија.

Во Северна Македонија, генералната проценка е дека положбата на жените новинарки во редакциите не се разликува многу од положбата на машките колеги. Сепак, факт е дека новинарите често не ја препознаваат родовата дискриминација и неповолната положба на жените во однос на мажите на работното место. При известување за чувствителни теми, жените новинарки трпат навреди и понижувања, кои ја уништуваат нивната лична и професионална репутација. Овие квалификации се однесуваат исклучиво на жените, во пегоративна смисла, базирани на предрасуди и родови стереотипи, соопштува Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).

Како што известува ЗНМ, се чини дека вознемирувањата, заканите и притисоците на социјалните мрежи почесто им се случуваат на жените новинарки бидејќи средината сè уште е таква што тие трпат поголеми навреди, за разлика од нивните колеги, само затоа што се жени. Коментарите и/или пораките помалку ги критикуваат нивните професионални перформанси, за разлика од нивниот физички изглед или личен живот.

Иако неодамна немало голема разлика помеѓу бројот на напади и закани упатени кон мажи и жени во Хрватска, забележано е дека построги закани биле упатени кон жените, како и дека во последните неколку години тие почесто биле жртви на физички напади.

Жените новинарки обично работат под слични услови како и нивните машки колеги, сепак, се чини дека сè уште постои родова разлика и дека на некои позиции во медиумскиот сектор жените новинарки сè уште заработуваат помалку од мажите. Атипичните работници, како слободните новинари, често немаат некои права, како породилно отсуство, бидејќи немаат договори за вработување.

Здружението на новинари на Косово (ЗНК) е загрижено поради зголемувањето на бројот на напади врз новинари во Косово, особено вознемирувачкиот тренд на насочување кон жените новинарки. ЗНК наведува дека жените често се полесна цел и дека е потребно да се заштитат нивната безбедност и права. Тие ги повикуваат сите новинари, особено жените, да пријавуваат секој напад или закана со која се соочуваат за брза реакција и поддршка.

Жените новинарки во Србија трпат помалку напади и закани отколку новинарите воопшто, но заканите упатени кон нив се исклучително жестоки и сериозни. Жените новинарки се особено таргетирани во онлајн сферата, каде што екстремно жестоки закани се придружени со мизогинистички навреди. Се коментира нивниот изглед, а се коментираат и нивните ставови во однос на чувствителни прашања, додека ставовите на жените новинарки кон жените и ЛГБТ групите се особено под напад.

Потешко им е на жените новинарки да поминат низ процесите пред надлежните органи бидејќи институциите се однесуваат грубо кон нив и не го почитуваат нивното право на приватност; дополнително, тие се изложени во постапките на непотребни и особено опасни контакти со оние што им се закануваат. Во исто време, тие трпат притисок од својата околина, колеги, често семејство и пријатели, кои ги сметаат делумно одговорни за она што им се случува. Ова е еден од причините зошто многу жени новинарки се воздржуваат да пријават закани до надлежните.

Според Здружението на новинари на Босна и Херцеговина, особено загрижува фактот што зад вербалните закани и напади во Босна и Херцеговина често стојат луѓе на високи јавни функции. Претседателот на Република Српска, Милорад Додик, се издвојува во негативен контекст како “рекордер” по бројот на напади врз жените новинарки, мизогинистички коментари и брутални прекршувања на човековите права на жените. Во ниту еден случај на заканите на Милорад Додик, надлежните судски органи или државните институции, како Центарот за родова еднаквост на Република Српска или Агенцијата за родова еднаквост на Босна и Херцеговина, не постапиле по службена должност или преземале какви било законски мерки за заштита на жените новинарки.

Постојат сериозни проблеми во Босна и Херцеговина во заштитата на жените новинарки во случаи на онлајн насилство и закани, бидејќи не е поднесена ниту една обвинителна пријава против едно или повеќе лица кои со долготрајно таргетирање, говор на омраза и родово базирани вербални навреди ја доведуваат во прашање безбедноста и професионалниот и човечки интегритет на жените новинарки.

Синдикатот на медиумите на Црна Гора (СМЦГ) во 2023 година документираше 6 алармантни напади и закани упатени кон храбрите жени во медиумската индустрија во Црна Гора. Меѓу нив беше и првиот случај на сексуално вознемирување во овој сектор.

Положбата на жените во новинарството во Црна Гора продолжува да стагнира, иако тие се мнозинство во медиумскиот кадар, според СМЦГ. Истражувањето на организацијата ги истакнува предизвиците со кои се соочуваат жените во балансирањето на личниот и професионалниот живот, често влошени од недостаток на уредничка и колегиска поддршка во справувањето со овие предизвици. СМЦГ ги повикува новинарите и медиумските работници да се обединат во борбата за овозможување на секој новинар, без разлика на полот, да работи без страв од вознемирување или насилство. “Да создадеме заедно побезбедна средина со повеќе почит за сите”, порача СМЦГ.

Минатата година, по повод Меѓународниот ден на жената, Мрежата SafeJournalists ја започна кампањата „Жените новинарки на првите линии“ (women.safejournalists.net), чија цел е да укаже на несигурната положба на жените во новинарството и нивната изложеност на напади и закани.

Од 2016 година, во базата на податоци на Мрежата се регистрирани повеќе од 1.650 случаи на напади и закани против новинари и други медиумски работници. Година по година, бројот на закани и напади упатени кон жените новинарки и медиумски работници продолжува да расте. Затоа Мрежата SafeJournalists одлучи да започне кампања со првата онлајн изложба каде што четиринаесет жени новинарки од земјите на Западен Балкан ги раскажуваат своите приказни за доживеана дискриминација, притисок, закани и дури и физички напади.

Мрежата SafeJournalists ќе остане посветена на следење, анализа и известување за прекршувањата на правата на жените новинарки со цел да ја заштити нивната безбедност.

Посетете ја онлајн изложбата „Жените новинарки на првите линии”: https://women.safejournalists.net/

Придружете ни се во застапувањето за безбедноста и достоинството на жените новинарки!