Мрежата SafeJournalists најостро ја осудува серијата закани со смрт, закани со насилство и најави за напади упатени кон редакцијата на неделникот „Радар“, карикатуристот Душан Петричиќ, како и јавните закани упатени кон Ненад Кулачин и Марко Видојковиќ. Ваквите пораки претставуваат директен напад врз безбедноста на новинарите, слободата на изразување и правото на јавноста да биде информирана.
Редакцијата на „Радар“ добила заканувачка електронска порака од лице со иницијали Л. И., во која редакцијата била навредувана и етикетирана како „предавничка“, проследено со порака дека, во случај на масовно насилство, тие би биле меѓу првите цели. Истата порака конкретно го таргетира и карикатуристот Душан Петричиќ, обвинувајќи го за различни дејствија и заканувајќи му се со трајна одмазда.
Покрај електронската порака, лице кое се потпишувало како „Прле“ објавило повеќе вознемирувачки и заканувачки коментари на порталот „Радар“. Во овие пораки се споменува егзекуција на Душан Петричиќ, палење на членови на редакцијата и насилство врз сите што ги поддржуваат, со обид ваквите дејствија да се оправдаат.
Една од пораките алудира на трагедијата и нападот врз францускиот сатиричен магазин Charlie Hebdo, сугерирајќи дека редакцијата на „Радар“ би можела да се соочи со слично сценарио. Друга порака најавува лично насилство, наведувајќи конкретна локација за можен „судир“.
Дополнително, на 8 декември, Ненад Кулачин и Марко Видојковиќ добиле закани преку видео-порака на социјалната мрежа X. Пораката била објавена како коментар на објава на профилот на подкастот што го водат.
Во видео-коментарот, лице кое на мрежата X се претставувало како Mile Bajšev Veliki Ćaci им порачало на новинарите дека се „среќни“ што не се на Запад, тврдејќи дека доколку биле таму, ќе биле „ловени“ и таргетирани. Тој додал дека тие се во „демократска Србија на Вучиќ“, каде што народот е толерантен – завршувајќи ја заканата со зборовите „додека не пукне“.
Сите закани се пријавени до Специјалното обвинителство за високотехнолошки криминал.
Мрежата SafeJournalists ги повикува надлежното обвинителство и Министерството за внатрешни работи итно да ги идентификуваат и гонат авторите на сите наведени закани, да преземат итни заштитни мерки за редакцијата на „Радар“ и карикатуристот Душан Петричиќ, како и за новинарите Ненад Кулачин и Марко Видојковиќ, и да покажат дека случаите на вакви онлајн закани се третираат како приоритет преку ефикасни истраги и судски исходи.
Мрежата повторува дека ваквите закани не смеат да се релативизираат како „коментари“ или „изрази на мислење“, туку мора да се препознаат како сериозни безбедносни закани кои бараат брза и ефикасна институционална реакција. Негонењето на ваквите случаи создава атмосфера на неказнивост и ги охрабрува сторителите, додека последиците од толерирање на ваквата реторика во реалноста можат да бидат сериозни и далекусежни.
Мрежата SafeJournalists ќе ги информира релевантните национални и меѓународни чинители за овој случај.
Секој напад врз новинарите е напад врз демократијата, јавниот интерес и основните човекови права.
Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица – Тирана, 12 декември 2025 година
Здружение на новинарите на Хрватска
Здружение на новинарите на Косово
Здружение на новинарите на Македонија
Здружение на новинарите на Босна и Херцеговина
Независно здружение на новинарите на Србија
Синдикат на медиумите на Црна Гора