SafeJournalists: Борбата за медиумска слобода е борба за демократија

SafeJournalists: Борбата за медиумска слобода е борба за демократија

Мрежата SafeJournalists, по повод Меѓународниот ден на медиумската слобода, 3 Мај, ја повикува јавноста да ги поддржи новинарите кои професионално си ја вршат работата и се спротивставуваат на задушувањето на медиумската слобода, затоа што без слободни медиуми нема демократија.

Новинарите се изложени на различни притисоци, закани и кампањи на оцрнување. Тие што сакаат да ја укинат слободата на мислење и изразување денес отворено повикуваат на линч на новинарите и на сите што не мислат како нив. Новинарите одамна се спротивставуваат на тоа, но неопходна е широка јавна поддршка и заедничка борба за слободни медиуми. Новинарите треба да известуваат во интерес на граѓаните, а за да ја извршуваат својата работа професионално, неопходни се слободни медиуми.

Затоа ја продолжуваме борбата за правото на информирање и ги повикуваме граѓаните да ни се придружат преку поддршка на слободното и професионално новинарство.

Бидејќи голем број закани, па дури и напади врз новинари остануваат неказнети, мрежата SafeJournalists ги повикува институциите да реагираат поефикасно, да ги заштитат новинарите и да ги санкционираат сторителите.

Очигледно е дека многу насилници остануваат надвор од дофатот на законот, па затоа трендот на закани и напади врз новинарите и медиумите продолжи и оваа година.

Во Северна Македонија, од почетокот на 2024 година, има два случаи против еден новинар, Фуркан Салиу. Едниот беше физички напад од извршител, а другиот беше апсење од страна на полицијата и покренување кривична постапка против него, како што регистрираше Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).

Во Албанија, годинава се регистрирани 7 случаи на напади врз новинари и медиуми. Новинарот Ардит Хоџа беше нападнат од Републичката гарда во албанскиот парламент. Новинарот Иса Мизирај доби закани преку е-пошта. Новинарката Клодијана Лала, исто така, доби закани. Против новинарката Ола Џама беше водена кампања на клевета од медиуми и јавни личности. Премиерот на Албанија, Еди Рама, одби да одговори на прашањето на новинарката Амброзија Мета и при таа прилика ја навреди и се обиде да ја допре по образ. Редакцијата на Citizen Channel се соочи со хакерски напади. Премиерот Рама одредени албански медиуми ги нарече „канализации“ во врска со истражувачката програма RAI3.

Во Црна Гора, Синдикатот на медиумите на Црна Гора (СМЦГ) регистрираше 9 случаи против новинари. Станува збор за напади, закани и други инциденти. Четири од функционери, три од политичари и еден од бизнисмен преку неговата компанија, два случаи на закани, еден напад, една кривична пријава од друг медиум и една пријава до полицијата за откривање на извор.

Здружението на новинари на Косово (АЈ) регистрираше 9 случаи на напади врз новинари и медиуми во Косово. Во два случаи, новинари беа загрозени со смрт, новинарот Кораб Реџепи и редакцијата на KALLXO. Дополнително, имаше уште пет случаи на закани, беше водена кампања на понижување против новинарот Саранди Рамај и КТВ. Новинарот Лирим Мехметај беше заплашуван, како и новинарите од медиумот QIKA, Lajmi.net. Навреди и закани беа упатени и кон новинарот Лорик Гаши. Порталот Periscope исто така доби закани. Имаше и физички напад врз новинари на Lajmi.net.

Во Хрватска, Хрватското новинарско друштво (ХНД) регистрираше 5 напади врз новинари. Станува збор за две закани кон новинари, напад врз Радио Ројц од Пула, а закани беа упатени и кон медиуми и самото ХНД.

До крајот на април годинава, Здружението на новинари на Босна и Херцеговина регистрираше 12 случаи на закани, напади и други безбедносни ризици за новинари и медиумски работници во Босна и Херцеговина. Особено загрижува фактот што значителен дел од заканите доаѓаат од јавни функционери и лица на важни позиции во извршната власт. Исто така, онлајн вознемирувањето и говорот на омраза и понатаму претставуваат сериозна закана за слободата на изразување и медиумската слобода, без сеопфатни законски мерки на државата за санкционирање на сајбер насилството.

Во Србија е регистриран најголем број закани по животот и физичката безбедност на новинарите, вкупно 32 случаи. Имаше 3 физички напади, 1 напад врз медиум и здружение, и три случаи кои се третираат како други закани. Така, Независното здружение на новинари на Србија (НУНС) регистрираше вкупно 39 случаи на закани и напади врз новинари од јануари до крајот на април 2024 година.