Мрежата SafeJournalists изразува длабока загриженост заради повторените прекршувања на медиумските слободи и произволните постапки против снимателот на Папараци, Јетмир Муји, од страна на единицата за блиско обезбедување на претседателката Вјоса Османи и Косовската полиција.
На 10 септември, Муји беше физички спречен од блиското обезбедување на претседателката додека снимаше околина за подготовка на новинарски прилог во близина на приватно училиште кое го посетуваат ќерките на претседателката Османи. Тој беше незаконски задржан, му беше одземена камерата и беше принудуван да ја избрише снимката.
Подоцна, Муји беше произволно уапсен и приведен во Централната полициска станица во Приштина, иако вршел професионална новинарска работа на јавно место. На ниту еден момент не беа снимани малолетници. Снимањето беше насочено само кон возилата на Косовската полиција паркирани кај училиштето. Порталот подготвуваше сторија за тоа зошто Османи одлучила да ја промени ќеркината школа од јавна во приватна, како и за финансиските услови на новото училиште. Снимките требаше да бидат општи и одблиску, без откривање на локацијата на новото училиште.
Непропорционалните мерки преземени од Косовската полиција се неприфатливи и незаконски и претставуваат директно мешање во новинарската работа и прекршување на правото на граѓаните да бидат информирани. Известувањето за тоа каде децата на државните лидери одат на училиште, при почитување на етичките правила за малолетници, останува легитимна тема од јавен интерес. Секое попречување на ова право претставува цензура и напад врз медиумската слобода.
По неколку часови незаконско приведување, обвинител нареди ослободување на Муји, потврдувајќи дека не е сторено кривично дело, бидејќи снимањето се случило на јавно место. Наместо да се дистанцира од овие постапки, претседателката Османи издаде јавно соопштение со таргетирање на новинарите, обвинувајќи ги за „опасно и незаконско прогонство“ и сугерирајќи дека некои се вклучени во „незаконски активности“. Ваквата реторика претставува јавно заплашување на новинарите од страна на шефот на државата и предизвикува сериозна загриженост за злоупотреба на моќта и пристапот до безбедносни информации.
„Згрозени сме од апсењето на Јетмир и неговото незаконско задржување во полициска станица, каде што беше држен неколку часа без налог од обвинителството. Ова е очигледно прекршување на медиумските слободи и правото на луѓето да бидат информирани за прашања од јавен интерес. Последователните коментари и напади од претседателката Османи и првиот господин Приндон Садриу против медиумите се за осуда и зборуваат за огромниот притисок врз новинарите од страна на властите“, изјави Џемајл Реџа, претседател на Здружението на новинарите на Косово.
Мрежата SafeJournalists нагласува дека овие настани претставуваат сериозна закана за медиумската слобода во Косово и поставуваат опасен преседан каде новинарите ризикуваат криминализација за извршување на својата работа. Бараме одговорност од Косовската полиција и единицата за блиско обезбедување на претседателката за незаконското приведување и злоупотребата кон Муји, независна истрага од Полицискиот инспекторат на Косово (ИПК), и претседателката Османи веднаш да прекине со недемократските практики на таргетирање на медиумите и да обезбеди целосно почитување на слободата на печатот, загарантирана со Уставот на Косово. Мрежата SafeJournalists се солидаризира со колегата Џетмир Муји.
Секој напад врз новинарите е напад врз демократијата, јавниот интерес и фундаменталните човекови права.
Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица, 11 септември 2025
Хрватско новинарско здружение
Здружение на новинари на Косово
Здружение на новинари на Македонија
Здружение на новинари на БиХ
Независно здружение на новинари на Србија
Синдикат на медиуми на Црна Гора