SafeJournalists: Заканите кон редакцијата на N1 во Србија се резултат на опасното таргетирање на новинарите – Властите мора итно да реагираат

SafeJournalists: Заканите кон редакцијата на N1 во Србија се резултат на опасното таргетирање на новинарите – Властите мора итно да реагираат
photo: canva

Мрежата SafeJournalists најостро ги осудува бруталните закани упатени кон редакцијата на телевизијата N1, како и јавната обвинителска изјава на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, кој известувањето на N1 и Nova S го нарече „чист тероризам“. Ваквата реторика од највисоките државни функционери претставува директно поттикнување на насилство врз новинарите и злоупотреба на институциите, со сериозни последици по безбедноста на новинарите.

По таргетирањето на новинарите од N1 и Nova од страна на претседателот Вучиќ, како и по јавниот повик на главниот уредник на провладиниот таблоид Информер, Драган Ј. Вучиќевиќ, за нивно апсење, редакцијата на N1 доби низа пораки со експлицитни закани со смрт, навреди и повици на физичко насилство. Меѓу заканите се и пораки како:

„…полиција, скршете ги тие копилиња“, „ќе платите за овој индиректен повик за граѓанска војна“, „ќе висите порано или подоцна на Теразије“, „наскоро ќе бидете запалени“, „наредете ги сите и стрелјате ги“, „…дојде време за голема пресметка, никој не може да не’ спречи… каде и да видиме некој од N1 ТИЕ ЌЕ БИДАТ МРТВИ ОВА НЕ Е ЗАКАНА ОВА ЌЕ СЕ СЛУЧИ АКО НЕ СЛУШАТЕ“, се само дел од бројните закани испратени до новинарите на N1.

N1 и Nova се меѓу ретките медиуми кои професионално известуваат за протестите во Србија, вклучително и за актите на граѓанска непослушност иницирани од студентите. Нивното новинарство е од суштинско значење за јавноста и демократскиот поредок, а нападите врз нив се напади врз медиумската слобода и правото на јавноста на информации. Особено е неприфатливо повикувањето на обвинителството да постапува по лажни обвиненија изнесени од највисоките претставници на власта.

Мрежата SafeJournalists го повикува претседателот Вучиќ да престане со таргетирање на медиумите и новинарите, да преземе одговорност за своите изјави и да се воздржи од поттикнување насилство во општеството како носител на една од највисоките државни функции. Го повикуваме и Обвинителството за високотехнолошки криминал и Министерството за внатрешни работи итно да ги идентификуваат и гонат одговорните за заканите испратени до редакцијата на N1.

Заштитата на новинарите кои професионално и храбро ги извршуваат своите должности мора да биде приоритет за секоја демократска држава. Ги повикуваме сите релевантни домашни и меѓународни чинители внимателно да ја следат ситуацијата и да покажат солидарност со нападнатите колеги.

Секој напад врз новинарите е напад врз демократијата, јавниот интерес и основните човекови права.

Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица, 1 јули 2025

Здружение на новинарите на Косово
Здружение на новинарите на Македонија
Здружение на новинари на БиХ
Хрватско здружение на новинари
Независно здружение на новинари на Србија
Синдикат на медиумите на Црна Гора