Мрежата „SafeJournalists“ изразува загриженост и солидарност со над 200 новинари и медиумски работници погодени од ненадејната најава за затворање на Al Jazeera Balkans по 14 години континуирано работење.
Ова не е само крај на еден респектиран регионален медиум – тоа е сериозен удар врз медиумскиот плурализам, слободата на изразување и правото на јавноста да биде информирана низ целиот Западен Балкан. Повеќе од една деценија, Al Jazeera Balkans беше синоним за професионално, независно и квалитетно новинарство, кое ги обработуваше клучните политички, економски и општествени прашања од регионална перспектива. Неговото затворање претставува загуба за демократијата, транспарентноста и критичкиот дискурс во регион каде што медиумската независност е сè понестабилна.
Мрежата е особено загрижена за начинот на кој одлуката беше соопштена. Според информации, повеќе од 200 вработени дознале за затворањето преку медиумски извештаи, а не преку официјални внатрешни канали. Овој недостаток на транспарентност и непочитувањето на правата на работниците се неприфатливи и укажуваат на пошироката ранливост на новинарите во регионот.
Иако компанијата наведе деловни причини за затворањето, овој потег отвора сериозни прашања за долгорочната одржливост на независното новинарство, дури и во медиуми кои досега се сметаа за финансиски и уредувачки стабилни. Ненадејното елиминирање на ваков силен регионален глас исто така го доведува во прашање посветувањето на сопствениците и меѓународните чинители на заштита на новинарските права, интегритетот и работата во јавен интерес.
Затворањето на Al Jazeera Balkans следи вознемирувачки тренд во регионот. Во Хрватска, Босна и Херцеговина, Србија и на други места, медиумскиот плурализам постојано опаѓа. Последните промени во сопственоста и менаџментот на телевизијата N1, како и интензивирањето на политичките притисоци врз независните медиуми во Србија, дополнително го загрозуваат просторот за кредибилно новинарство. Исчезнувањето на уште еден голем медиум би ги оставило граѓаните без доверливи извори на информации и би го продлабочило демократскиот дефицит во регионот.
Апелираме до раководството на Al Jazeera Balkans да спроведе отворен и фер процес со своите вработени и да обезбеди дека евентуалните отпуштања ќе се изведат во согласност со трудовите закони и со почитување на правата и достоинството на сите работници.
Исто така, ги повикуваме владите во регионот, институциите на ЕУ и меѓународните партнери сериозно да ја сфатат оваа ситуација. Заштитата на медиумскиот плурализам и условите за работа на новинарите бара итни и конкретни мерки, а не само декларации. Мора да се воспостават правни гаранции за да се спречи ненадејното затворање на медиуми без соодветна заштита за персоналот, и да се гарантира финансиската и уредувачката независност на медиумите кои работат во јавен интерес.
На крај, Мрежата „SafeJournalists“ ја изразува својата целосна солидарност со новинарите и вработените на Al Jazeera Balkans и стои на располагање да им помогне преку правни, професионални и застапувачки канали.
Ова не е само приказна за една редакција. Ова е предупредување дека независното новинарство во регионот е под сè поголема закана – и дека без него, и самата демократија е во ризик.
Секој напад врз новинарите – вклучувајќи ги економските и структурните е напад врз демократијата, јавниот интерес и основните човекови права.
Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица, 16 јули 2025
Здружение на новинари на Косово
Здружение на новинари на Македонија
Здружение на новинари на БиХ
Хрватско новинарско друштво
Независно здружение на новинари на Србија
Синдикат на медиуми на Црна Гора