Мрежата SafeJournalists најостро го осудува нападот врз новинарите на ТВ N1. Денес, додека телевизиска екипа на N1 снимала во близина на српскиот Парламент, им се доближил млад маж кој побарал да престанат со снимање. Набргу потоа, истиот маж ја зел камерата и неколкупати ја фрлил на земја, при што ја уништил.
Полицијата, која се наоѓала во непосредна близина, не реагирала, туку им рекле дека ќе пристигне друга екипа на која треба да и биде пријавен случајот. Кога пристигнала втората екипа, на присутните претставници на НУНС им било кажано дека од обвинителството добиле известување дека нема да се спроведе увид на лице место, а на екипата на N1 им било наредено да замине и да го пријави случајот во надлежната полициска станица. Кога претставниците на НУНС прашале кое обвинителство донело таква одлука, полициските службеници кажале дека не знаат точно и дека ќе се вратат со информацијата. Потоа НУНС добил нова информација дека сè уште не е одлучено дали ќе се врши увид, а по неколку минути полициска патрола го обезбедила местото на инцидентот до доаѓањето на тимот кој го спроведе увидот. Увидот е завршен и обвинителството е известено. Напаѓачот побегнал од местото на настанот.
Независното здружение на новинари на Србија (НУНС) укажува дека од почетокот на годината е забележан рекорден број физички напади врз новинари и повторува дека во Србија нема доследна превенција ниту системска заштита за новинарите. Нападите остануваат неказнети, истрагите траат со години, а пораката што се испраќа е дека насилството врз новинарите е дозволено.
Дополнително загрижува и фактот што полициски службеници често се присутни на местото на инцидентите и не реагираат. Отсуството на санкции го продлабочува проблемот со неказнивоста и ја зголемува несигурноста во која работат новинарите.
НУНС смета дека ваквиот однос кон новинарите е последица на нивното таргетирање од страна на политичари, пред сè од владејачката коалиција, и потсетува дека пред неколку дена министерот за информирање и телекомуникации, Борис Братина, ги обвини новинарите од N1 и Nova S дека се „виновни за многу работи“ и дека не треба да „постојат во етерот на територијата на државата“.
Мрежата SafeJournalists се приклучува кон својата членка НУНС во најострото осудување на уште еден во низата напади врз медиумски работници во Србија. Мрежата бара надлежните институции да спроведат истрага, да ја водат постапката и да го казнат сторителот.
Мрежата SafeJournalists ќе ги информира релевантните национални и меѓународни чинители за овој случај.
Секој напад врз новинари е напад врз демократијата, јавниот интерес и основните човекови права.
Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица – Тирана, 20 ноември 2025
Хрватско новинарско друштво
Здружение на новинари на Косово
Здружение на новинари на Македонија
Здружение на новинари на БиХ
Независно здружение на новинари на Србија
Синдикат на медиумите на Црна Гора