Мрежата SafeJournalists е длабоко вознемирена од бруталниот физички напад врз црногорската новинарка Ана Рајчковиќ и нејзиното семејство. Особено алармантен е фактот што меѓу напаѓачите имало и активен службеник на Министерството за внатрешни работи на Црна Гора (МВР). Ги повикуваме надлежните органи веднаш да ги гонат напаѓачите и да изречат најстроги казни – со што јасно ќе се покаже дека никој не е над законот.
Бизнисменот Зоран Беќировиќ, неговиот син Лука и член на неговото обезбедување, Младен Мијатовиќ – активен службеник на МВР – во понеделникот навечер во Подгорица брутално ја нападнале Ана Рајчковиќ, уредничка во „Побједа“, како и членови од нејзиното семејство. Нападот, според сè, произлегува од претходната новинарска работа на Рајчковиќ. По првичен вербален напад, Беќировиќ и неговото обезбедување физички ја нападнале Рајчковиќ, како и нејзиниот син и свршеник, кои се обиделе да ја заштитат. Семејството претрпело физички повреди, а нивниот автомобил исто така бил оштетен при нападот.
Рајчковиќ, која во моментот на нападот била во ресторан за брза храна во населбата Блок 5 во Подгорица, изјавила дека по првиот бран закани, навреди и вознемирување, ја известила полицијата дека е отворено заплашувана од група мажи кои во тој момент не можела со сигурност да ги идентификува.
Вербалните напади продолжиле и по пристигнувањето на нејзиниот свршеник и син, а набргу потоа прераснале во физичко насилство. Иако Рајчковиќ, нејзиниот син и свршеникот успеале да стигнат до својот автомобил, напаѓачите ги следеле и таму повторно ги нападнале.
„Мијатовиќ ме фати за врат и бараше: ‘Кажи го името на момчето [мислејќи на синот на новинарката].’ Одбив, а тој продолжи да инсистира, заканувајќи се дека ќе го најде и, ако не соработувам, ќе ме убие“, раскажа Рајчковиќ за „Побједа“. Таа додаде дека додека Мијатовиќ ја држел за врат, Беќировиќ ја фатил за коса и ѝ ја удирал главата од вратата на автомобилот.
По нападот, Рајчковиќ веднаш го пријавила инцидентот во полиција, а потоа се упатила во Ургентниот центар, каде што медицинскиот персонал констатирал повреди како модринки на вратот од гушење, расекотини на главата и отечена рака.
Синдикатот на медиумите на Црна Гора (СМЦГ) ги повика надлежните органи да го забрзаат гонењето на Беќировиќ и сите инволвирани, барајќи казнување согласно Кривичниот законик, кој предвидува построги казни за напади врз новинари. СМЦГ нагласи дека Беќировиќ има историја на непријателство кон новинарите, што го прави овој случај особено сериозен.
По пријавата на Рајчковиќ до полицијата, напаѓачите беа приведени.
Мрежата SafeJournalists ја поздравува одлуката на Основното државно обвинителство во Подгорица да ги задржи сите тројца напаѓачи до 72 часа и ја охрабрува најавата дека ќе биде испрашано и уште едно лице кое учествувало во нападот. Мрежата дополнително ги повикува надлежните да обезбедат напаѓачите да бидат гонети без одлагање и да добијат максимални казни, со што ќе се испрати јасна порака дека насилството врз медиумските работници е недозволиво.
Мрежата SafeJournalists ќе ги информира релевантните национални и меѓународни чинители.
Секој напад врз новинарите е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.
Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица, 12.11.2024
Здружение на новинари на Косово
Здружение на новинари на Македонија
Здружение на новинари на Босна и Херцеговина
Хрватско новинарско друштво
Независно здружение на новинари на Србија
Синдикат на медиумите на Црна Гора