SafeJournalists: Политички притисоци и незаконити закани против неделникот „Новости“ во Хрватска

SafeJournalists: Политички притисоци и незаконити закани против неделникот „Новости“ во Хрватска
photo: canva

Мрежата SafeJournalists остро ја осудува најновата изјава на истакнати членови на владејачката коалициска партија во Хрватска, Домовински покрет, за нивната намера во 2026 година целосно да го укинат буџетското финансирање за неделникот за малцински прашања „Новости“.

За време на неодамнешно гостување на Хрватската телевизија (ХТВ), пратеникот Стипо Млинараќ изјави дека финансирањето за „Новости“ „оваа година било намалено за 200.000 евра“ и дека „следната година целосно ќе биде укинато“. Истата недела, според Нови лист, претседателот на Домовински покрет, Иван Пенавa, ги повика пратениците од малцинствата да обезбедат преку Советот за национални малцинства „да не ги штитат интересите на ‘Новости’“.

Советот за национални малцинства е независно тело задолжено за распределба на средства за малцинските медиуми преку годишен, непристрасен грантов процес. Со јавно вршење притисок врз ова тело и најавување повлекување на идната поддршка, членовите на владејачката коалиција се впуштаат во незаконито политичко влијание, го прекршуваат Уставниот закон за правата на националните малцинства и се обидуваат финансиски да го поткопаат малцинскиот медиум кој веќе подолго време е цел на континуирани клеветнички напади.

Особено е загрижувачки што претставници на Домовински покрет отворено се фалат дека влијаеле врз распределбата на средствата оваа година, при што „Новости“ добиле 35% помалку од побараната сума. Нивната јавна порака — „Она што го ветуваме, го исполнуваме – намалено финансирање за неделникот ‘‘Новости“ — јасно покажува политички притисок врз независна институција.

Таквите постапки претставуваат сериозна закана за слободата на медиумите, малцинските права и демократските стандарди. Насочувањето кон малцински медиум преку политички и финансиски притисок е неприфатливо во кое било демократско општество.

Мрежата SafeJournalists ги повикува хрватските власти да ја обезбедат независноста на Советот за национални малцинства, да ја гарантираат заштитата на малцинските медиуми и да запрат со сите форми на политички притисок врз новинарите и медиумските куќи.

Мрежата SafeJournalists ќе продолжи внимателно да го следи овој случај.

Секој напад врз новинарите е напад врз демократијата, јавниот интерес и основните човекови права.

Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица – Тирана, 3 декември 2025

Хрватско новинарско друштво
Здружение на новинари на Косово
Здружение на новинарите на Македонија
Здружение на новинари на БиХ 
Независно здружение на новинари на Србија
Синдикат на медиумите на Црна Гора