SafeJournalists: Полицијата не презеде ништо за да го спречи насилството во Нови Сад, одговорните мора да сносат последици

SafeJournalists: Полицијата не презеде ништо за да го спречи насилството во Нови Сад, одговорните мора да сносат последици

Новинарските екипи на N1 и Euronews беа нападнати синоќа за време на протестот што се одржа во Нови Сад, по повод смртта на 14 лица на железничката станица во тој српски град. Иако на местото на настанот имаше голем број полицајци, никој не реагираше.

Новинарката на телевизија N1, Жаклина Таталовиќ, и снимателот Никола Поповиќ прво беа навредувани и попречувани во работата за време на директен пренос од Плоштадот на слободата, а Поповиќ беше и физички нападнат.

Неколку пати им приоѓаше непознат маж кој ги навредуваше, им покажуваше среден прст и ги нарекуваше со погрдни, вклучително и сексистички, зборови. Малку подоцна, едно лице му пријде на Поповиќ и го удри по рацете, по што тој ја испушти камерата, која при тоа беше оштетена.

Набргу потоа, се случи уште еден инцидент пред просториите на градскиот одбор на владејачката Српска напредна партија (СНС) на булеварот „Ослобођења“, кога снимателот на Euronews, Мирко Тодоровиќ, беше удрен и соборен на земја.

Имено, откако претседателот Александар Вучиќ ги собра своите поддржувачи пред просториите на СНС за да им се обрати, новинарите пристигнаа да известуваат, но собраните граѓани не им дозволија да ја извршат својата работа. Кога Вучиќ замина, дојде до турканица меѓу поддржувачите на СНС и учесниците на протестот, а потоа едно лице го удри снимателот на Euronews и го собори на земја.

Во центарот на Нови Сад имаше голем број полицајци, како во униформи за растерување демонстрации, така и во цивилна облека, што беше видливо и во директните преноси, но никој не реагираше на нападот врз екипата на телевизија N1. Исто така, немаше полициска реакција ни на нападот врз екипата на Euronews. Двата напада подоцна беа пријавени до надлежните институции.

Независното здружение на новинари на Србија (НУНС) остро го осудува насилството што се случи синоќа во Нови Сад, особено нападите врз новинарите.

Мрежата SafeJournalists, која ги претставува медиумските професионалци на Западен Балкан, се приклучува на својот член НУНС и го осудува однесувањето на полицијата која не презеде ништо за да го спречи насилството или да ги приведе сторителите, иако беше јасно дека имаше полиција на улиците на Нови Сад. Сметаме дека одговорноста за насилството што се случи синоќа ја сносат и оние кои ѝ наредија на полицијата само да ги набљудува настаните.

Мрежата бара институциите да ги идентификуваат и процесуираат сторителите и да ја утврдат одговорноста на полицијата за настаните од синоќа. Ги повикуваме новинарите да пријават сите случаи на закани и вознемирување додека известуваа за вчерашните настани.

Мрежата SafeJournalists ќе ги информира релевантните национални и меѓународни чинители за овој случај.

Секој напад врз новинарите е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.

Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица, 6.11.2024

Здружение на новинари на Косово
Здружение на новинари на Македонија
Здружение на новинари на Босна и Херцеговина
Хрватско новинарско друштво
Независно здружение на новинари на Србија
Синдикат на медиумите на Црна Гора