Мирјана Радуловиќ и Бранимир Слијепчевиќ, уредници на Радио Ројц, вчера беа однесени во полициска станица во Пула, Хрватска.
Приведувањето следеше по инцидент меѓу уредникот на Радио Ројц и припадници на хрватската полиција. Полицијата била повикана по иницијатива на Радуловиќ и Слијепчевиќ, а причината била вознемирување од страна на други корисници на просториите на Социјалниот центар Ројц и соседните институции. Според сведоштвата на Радуловиќ и Радио Ројц, во изминатиот период лица кои ги оштетувале просториите постојано провалувале во Радио Ројц. Пред една година, на ова радио му била украдена вредна опрема.
По расправијата меѓу полицијата и Мирјана Радуловиќ, двајца полицајци одлучиле да ја приведат Радуловиќ поради наводно навредување службено лице и да ѝ стават лисици на рацете. Поради тоа, Радуловиќ им кажала дека чувствува болка, по што Слијепчевиќ интервенирал, предупредувајќи ги да не ѝ го прават тоа бидејќи таа е болна, по што и тој бил приведен од страна на полицајците. Снимките кои беа објавени во јавноста јасно покажуваат дека полицајците се однесуваат доста грубо и невнимателно кон лицата на кои им ставаат лисици.
Радуловиќ и Слијепчевиќ синоќа беа пуштени од полиција.
Мрежата SafeJournalists е загрижена поради грубото однесување на полицајците и приведувањето на двајцата уредници на Радио Ројц, и бара јасно објаснување од надлежните органи за причините за приведувањето на двајцата хрватски новинари и за неопходноста од ваков чин.
Мрежата SafeJournalists ќе ги информира релевантните национални и меѓународни чинители.
Секој напад врз новинарите е напад врз јавниот интерес, демократијата и правата на сите граѓани.
Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица, 14.2.2025
Здружение на новинари на Косово
Здружение на новинари на Македонија
Здружение на новинари на Босна и Херцеговина
Хрватско новинарско друштво
Независно здружение на новинари на Србија
Синдикат на медиумите на Црна Гора