Мрежата SafeJournalists најостро ги осудува заканите, заплашувањата, нападите и приведувањата на новинарите и другите медиумски работници кои известуваат од протестите низ Србија. Апелираме до релевантните власти веднаш да реагираат и да ја обезбедат нивната безбедност, за да можат слободно и безбедно да ја извршуваат својата работа – од голем јавен интерес, особено во време кога низ целата земја секојдневно се одржуваат демонстрации против актуелниот режим.
По повикот за граѓанска непослушност од страна на Студентите во блокада на 28 јуни, граѓаните во речиси сите српски градови започнаа со секојдневни блокади на улици. Истовремено, независните новинари и фоторепортери кои ги покриваат овие настани и ги документираат бруталните и незаконски постапки на полицијата станаа мета – физички нападнати, заплашувани и приведувани.
Независното здружение на новинари на Србија (НУНС) во изминатите три дена евидентираше десетици случаи на притисоци, закани и напади, иако дел од новинарите и медиумските работници одлучија да не излезат јавно со своите искуства.
Синоќа, новинарот на неделникот „Радар“, Вук Цвијиќ, беше повеќепати удрен со полициски штит и лакт, туркан и физички малтретиран за време на полициска интервенција пред Правниот факултет во Белград – и покрај тоа што ги покажа своите новинарски легитимации. Полицајците се обидоа и да му го одземат телефонот. Претходната вечер, фоторепортерот Алекса Станковиќ беше приведен додека мирно фотографираше демонтажа на блокада. Во полициското возило, двајца полицајци го претепале, го натерале да го деактивира својот Инстаграм профил и на крајот ја уништиле мемориската картичка од неговиот фотоапарат, додека други полицајци гледале без да интервенираат. Насилството, според сè, било поттикнато од снимка на која полицаец се слуша како дава непримерни коментари за жени кои поминувале додека бил на смена. НУНС веќе реагираше на овој случај.
Во веќе напната атмосфера, српскиот претседател Александар Вучиќ дополнително поттикна непријателство кон новинарите, јавно нарекувајќи ги вработените во N1 и Nova S телевизиите „терористи“ и повикувајќи го јавниот обвинител да реагира против нивното известување. Оваа реторика беше преземена и од провладините медиуми. Потоа, редакцијата на N1 доби бројни закани со смрт. Новинарката Жаклина Таталовиќ доби порака преку социјалната мрежа X од профилот @Srbijanac: „Убиј ја Жаклина! Стави мета на неа!“
Фоторепортерот Гаврило Андриќ, познат по редовното документирање на протестите, исто така доби закани со смрт преку Инстаграм, меѓу кои: „Ќе те убијам, кучко. Со нож.“ Последниве недели, Андриќ е честа мета на напади, а само неколку дена пред овие закани доби директна закана: „Ќе те прободам во срце“.
Под притисок се и локалните медиуми и новинари. „Епицентар прес“ од Чачак беше означен како „антисрпски медиум“, додека новинарката Верица Маринчиќ од „Ин Медија“ од Инѓија беше запрена и легитимирана од полицијата и ѝ беше закането со прекршочна пријава, иако јасно ги покажала своите новинарски легитимации. Новинарот на „Глас Зајечара“, Миљко Стојановиќ, пријави дека дрон го следел до неговиот дом, што предизвикало вознемиреност кај неговото семејство. Тој поднесе пријава и даде изјава во полиција за инцидентот.
Според НУНС, од почетокот на оваа година се евидентирани над 160 случаи на притисоци и напади врз новинари – речиси колку вкупниот број за целата мината година (166). Оваа бројка јасно укажува на брзо влошување на средината за новинарска работа во Србија.
Мрежата SafeJournalists ги повикува сите релевантни институции, особено полицијата и јавното обвинителство, веднаш и темелно да ги истражат сите случаи на закани и насилство врз новинарите, да ги идентификуваат сторителите и да ги изведат пред лицето на правдата. Посебно апелираме до Министерството за внатрешни работи да ја испита одговорноста на своите службеници и да преземе соодветни дисциплински мерки. Недостатокот на институционална реакција само поттикнува клима на неказнивост и го загрозува правото на јавноста на информации.
Мрежата SafeJournalists изразува целосна поддршка на нашите колеги во Србија и ги повикува властите да престанат со таргетирање на медиумите и да обезбедат институционална заштита за новинарите. Особена одговорност имаат највисоките државни функционери – особено Претседателот на Републиката – кои со своите изјави дополнително поттикнуваат непријателство кон професионалните и независни медиуми. Во едно демократско општество, новинарите никогаш не смеат да се сметаат за непријатели на државата – нивната улога е да сведочат за фактите од јавен интерес.
Мрежата SafeJournalists ќе ги информира националните и меѓународните чинители за овие алармантни случувања и ќе продолжи внимателно да ја следи ситуацијата.
Секој напад врз новинарите е напад врз демократијата, јавниот интерес и основните човекови права.
Приштина – Скопје – Сараево – Загреб – Белград – Подгорица, 3 јули 2025
Здружение на новинарите на Косово
Здружение на новинарите на Македонија
Здружение на новинари на БиХ
Хрватско здружение на новинари
Независно здружение на новинари на Србија
Синдикат на медиумите на Црна Гора